Connect with us

Свет

Уште еден дрон се урна во Летонија додека растат тензиите во источното крило на НАТО

Уште еден дрон се урна во Летонија во услови на нагло зголемување на тензиите поради слични инциденти во балтичкиот регион, при што растат стравовите дека војната во Украина би можела да се прелие во соседните земји на НАТО.

Како што пренесе ДПА, дронот се урнал во езерото Дридзис во општината Краслава, на околу 20 километри од белоруската граница, и експлодирало при удар со површината на водата, соопшти денеска локалната полиција.

Во инцидентот, кој бил пријавен кај властите од страна на локалните жители, нема повредени. Првично не беа соопштени детали во врска со потеклото или типот на дронот.

Полицијата соопшти дека на местото на падот се пронајдени остатоци од дронот, а на терен се распоредени служби за итни случаи за да го истражат инцидентот.

Вршителката на должноста премиерка Евика Силиња, која неодамна поднесе оставка поради инцидент со дрон, напиша на X дека е во контакт со релевантните власти и дека чека дополнителни информации. Таа ја повика јавноста да ги следи упатствата на властите.

Влегувањето на дронот во летонскиот воздушен простор не било детектирано од радарските системи, соопшти војската. Како резултат на тоа, до жителите во регионот не биле испратени предупредувања преку мобилните телефони за потенцијална закана во воздушниот простор, соопштија вооружените сили, според извештаите на летонските медиуми.

Летонија граничи со Русија и Белорусија на исток. Земјата забележа пораст на инциденти со дронови поврзани со војната во Украина во последните месеци, заедно со другите балтички членки на ЕУ, Литванија и Естонија.

За време на неодамнешните украински напади, залутани беспилотни летала во повеќе наврати навлегуваа во летонскиот воздушен простор, а некои од нив се уриваа во земјата.

Претходно овој месец, празни резервоари во складиште за нафта во источниот град Резекне, на околу 50 километри од руската граница, беа погодени од два залутани украински дронови.

Во тој инцидент немаше повредени, но предизвика политичка криза во која прво министерот за одбрана, а потоа и премиерката поднесоа оставки.

Москва ја обвини Летонија дека го става својот воздушен простор на располагање на Украина, тврдење што оваа балтичка држава го негира.

Ad
Ad