Свет
ЕК го доби предлогот на Мерц за проширување на ЕУ
Европска комисија денеска потврди дека го примила писмото од германскиот канцелар Фридрих Мерц, во кое предлага забрзана интеграција на Западен Балкан и Молдавија, како и придружно членство за Украина.
– Тоа покажува дека постои силна посветеност на земјите-членки проширувањето да стане реалност, што е можно поскоро. Многу е јасно дека проширувањето сега е геостратешка инвестиција во нашиот просперитет, мир и безбедност, наведе портпаролот на ЕК, Гијом Мерсие.
Тој додаде дека членството на Украина во ЕУ е суштински поврзано со безбедноста на Унијата, но оти „подеднакво е важно да се заврши процесот на проширување на ЕУ со сите земји-кандидатки кои работат кон пристапување со години“, при што „сите иновативни решенија треба да бидат водени и од процес заснован на заслуги“.
Но, Мерсие не одговори дали идејата за придружно членство во ЕУ е правно можно без измени на договорите и едногласно одобрување од земјите-членки.
– Сè уште не сме во фаза на правна дискусија, туку политичка дискусија што треба да се одржи во рамките на Европскиот совет. Проширувањето е дискусија водена од земјите-членки. Комисијата е таму за да го олесни процесот и да обезбеди експертиза, но прво ни е потребна политичка дискусија, истакна Мерсие.
мај 23, 2026
