Connect with us

Свет

Компанијата Волт Дизни се соочува со колективна тужба поради користење технологија за препознавање лица

Компанијата Волт Дизни се соочува со колективна тужба поради користење технологија за препознавање лица во своите забавни паркови, откако група посетители обвини дека компанијата не обезбедува доволно јасни известувања за скенирањето на лицата при влез во парковите.

Во тужбата се наведува дека Дизни користи системи за препознавање лица на влезовите во Дизниленд и „Калифорнија Адвенчер“, без посетителите да бидат соодветно информирани за начинот на кој се собираат и обработуваат нивните биометриски податоци. Тужителите бараат најмалку пет милиони долари отштета во име на посетителите на парковите.

-Гостите треба да имаат можност лично да се согласат за користење на оваа технологија за препознавање лица преку писмена согласност. Товарот за заштита на правото на приватност не треба да биде на жртвата. Со оглед на чувствителноста на податоците за препознавање лица, неопходна е јасна писмена согласност за да се заштити приватноста на гостите во Дизни парковите – изјави Блејк Јагман, адвокат на група посетители, во рамки на тужбата.

„Компанијата ги воведе системите за препознавање лица во двата парка, минатиот месец. Политиката на компанијата предвидува податоците собрани преку овие системи да бидат избришани во рок од 30 дена“, информираше „Холивуд рипортер“.

Во тужбата, пак, се наведува дека постои сомнеж дека податоците навистина се бришат во предвидениот рок. Тужителите тврдат дека биометриските информации се споредуваат со податоците што посетителите ги оставиле при првото купување билети или годишни влезници, откако своите фотографии ги поврзале со нив.

Случајот повторно го отвори прашањето за приватноста при употреба на биометриските технологии во јавни простори, особено кога станува збор за големи компании кои управуваат со забавни и туристички комплекси посетени од милиони луѓе годишно.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1