Општини
Прилепските пожарникари се подготвени за летната сезона и очекуваат зајакнување на човечките и потенцијалите во опрема
Со показна вежба спасување при сообраќајна незгода и со изложување на дел од опремата на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во Центарот на Прилеп, прилепската противпожарна единица го одбележа денот на пожарникарите, 20 мај.
Бројот на пожари, посебно на отворено, во споредба со лани, е на истото ниво, а единицата настојува опремено и подготвено да ја пречека летната сезона кога опасноста од пожари е најголема.
-Од почетокот на годинава се околу 350 пожари вкупно. Ситуацијата е на минатогодишното ниво. Моменталната опременост е онаа што ја имаме последните неколку години. Овој период се врши превентивно, тековно, одржување на возилата, да бидат колку што може во подобра кондиција кога би настапиле тие пожари на отворено. Како територијална противпожарна единица покриваме голема површина, прилепска општина со Мариово и соседната, долненска општина. Возилата се во добра кондиција, иако не се нови, рече Виктор Стојчески, заменик командир на ТППЕ од Прилеп.
Што се однесува до кадровската екипираност, недостасуваат 15-тина пожарникари. Според законските прописи мора да има еден пожарникар на 1 500 жители.
-Во моментов имаме 34 вработени пожарникари, а 10-тина се ангажирани на одредено време. Според законските обврски, треба да бидеме 60-тина пожарникари за реално да ја „покриеме“ големата територија. Се надеваме дека ќе може наскоро да сметатаме и на нова опрема и на нови пожарникари, вели Стојчески за кого најголемото добро во професијата кога се спасува човечки живот и материјалните добра.
Прилепскиот градоначалник, Дејан Проданоски посочи дека со барања се обратиле до соодветните министерства.
-До министерствата упативме барање за дополнително ангажирање пожарникари и се надеваме дека ќе ни излезат во пресрет. Во однос на техничката опременост, од териоторијалната единица побаравме да изработат список на возила кои со минимални средства може да се коригираат. А оваа ситуација беше и на дневен ред деновиве и на седницата на ЗЕЛС. Сметам дека Македонија се движи во таа насока, поддржана од институциите, рече Проданоски.
мај 21, 2026
