Општини
Мечка се појави во Струмичко
Мечка се појави деновиве во планините околу Струмичко и во близина на повеќе села, а од завчера ловочувари од ЛД „Беласица“ од Струмица ја следат на нејзиниот пат – информираа од ова ловно друштво.
Најпрвин траги од движење на мечката биле забележани во атарот на селото Вељуса, кај местото Турски Скрки, а вчера животното се движело на потегот меѓу селата Рич, Струмица и Липовиќ, Конче.
– Ловочуварите се на терен за да ја следат ситуацијата и да ја осигурат безбедноста на населението, како и заштитата на самата мечка. Затоа ве молиме на крајна претпазливост – избегнувајте движење сами во раните утрински или доцните вечерни часови, а доколку работите на нивите, бидете гласни за да го најавите вашето присуство. Не оставајте храна која може да го привлече животното во близина на куќите и бидете претпазливи во природата – се наведува во информацијата на Ловното друштво.
Движење на мечка не е забележано многу одамна во Струмичко, а според Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП „Македонски шуми“, постои веројатност овие мечки да го менуваат своето живеалиште од Пирин накај Западна Македонија кон планините Јабланица, Бистра, Кораб или кон националните паркови Пелистер и Маврово или обратно.
мај 21, 2026
