Connect with us

Општини

Во Делчево промовирана нова поштенска марка по повод 150 години од Разловечкото востание

Во Делчево синоќа беше промовирана нова поштенска марка со мотиви од Разловечкото востание по повод 150-годишнината од овој значаен историски настан, со што се оддава почит на разловечките востаници и нивната борба за слобода.

Поштенската марка е со номинална вредност од 48 денари, отпечатена во тираж од 6.000 примероци, а нејзин автор е дизајнерката Лариса Донев од Бирото за филателија при АД „Пошти на Македонија“.

На промоцијата беше истакнато дека ваквите изданија претставуваат траен споменик, кој го чува сеќавањето на македонските револуционери и ја негува културата на паметење.

На свеченоста беа доделени и промотивни примероци од марката, а градоначалникот Иван Гоцевски изрази благодарност за, како што посочи, достоинственото одбележување на јубилејот и значењето на Разловечкото востание како симбол на стремежот кон слобода.

Во рамките на одбележувањето беа доделени и награди од литературен конкурс организиран од ЈЛБ „Илинден“, при што признанија добија ученици и автори во повеќе категории.

Во пресрет на централната прослава по повод 150 години од Разловечкото востание беше одржана и научна трибина во организација на Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, на која учествуваа истакнати професори и историчари. На трибината беа презентирани историски аспекти, анализи и факти поврзани со Разловечкото востание, со цел продлабочување на научното проучување и зачувување на историската вистина.

Програмата за одбележување на јубилејот кулминира синоќа со концерт на Воениот оркестар на АРМ и настап на ансамблот на народни песни и игри „Танец“.

Денеска, одбележувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание продолжува со планинарски марш до Разловци, како и со свечена програма кај санираниот Спомен-дом на Разловечкото востание. Пред присутните е најавено обраќање на повеќе владини претставници, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1