Свет
Клингбајл: Г7 е вистинскиот форум за дискусија за ставање крај на војната во Иран
Групата седум најразвиени земји (Г7) е точниот форум за дискусија за тоа како да се стави траен крај на војната во Иран, која заедно со блокадата на Ормуската Теснина претставува сериозна закана за светската економија – изјави германскиот министер за финансии, Ларс Клингбајл.
Клингбајл патува за Париз за да му се приклучи на состанокот на министрите за финансии и на гувернерите на централните банки на Г7, кој ќе се одржи денеска и утре.
– Нашиот пат како Европејци останува јасен: ние се потпираме на соработка, а не на конфронтација. Се потпираме на партнерства, сигурност, отворена трговија и на моќта на владеењето на правото – изјави Клингбајл.
Министерот истакна дека последните кризи ја нагласиле потребата Германија и Европа да станат понезависни и поотпорни, особено во однос на суровините, енергетиката и синџирите на снабдување. Тој најави дека во Париз ќе разговара и со министрите за финансии на Бразил, Индија, Јужна Кореја и Кенија, со цел проширување на меѓународните партнерства.
Германскиот министер исто така порача дека Германија нема да дозволи кризата на Блискиот Исток да го одвлече вниманието од војната на Русија против Украина. Планирано е Клингбајл во Париз да потпише договор за избегнување на двојното оданочување со својот украински колега Серхиј Марченко.
– Ова ја засилува економската размена и создава правна сигурност – забележа тој.
мај 19, 2026
