Connect with us

Вести

Македонија ќе отвори амбасада во Литванија

На предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Владата донесе одлука за отворање на амбасада на Република Северна Македонија во Република Литванија, со седиште во Вилнус.

Воспоставувањето постојано резидентно дипломатско присуство во Вилнус, како што информираат од МНРиНТ, ќе придонесе за зајакнување на директниот политички дијалог меѓу двете земји, поефикасно застапување на нашите национални интереси и унапредување на билатералната соработка со оваа значајна пријателска земја.

Амбасадата во Вилнус ќе има и поширока регионална улога претставувајќи централна точка за покривање на другите балтички држави во политичката, економската, културната, конзуларната и во другите сфери од заеднички интерес.

Република Литванија е меѓу најактивните членки на Европската Унија и НАТО во доменот на безбедносните политики и политиката на проширување на Унијата, како и држава што континуирано го поддржува процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија.

Блиските, искрени и партнерски односи меѓу двете земји се потврдуваат и преку одлуката на литванската страна во ноември 2023 година да отвори канцеларија во Скопјe.

Со оваа одлука, Амбасадата на Република Северна Македонија во Варшава престанува да биде надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Република Литванија на нерезидентна основа.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1