Connect with us

Свет

Во Хавана протести поради енергетската криза, Куба ги потроши резервите гориво

Стотици жители на Хавана протестираа против долготрајните прекини во снабдувањето со струја во услови на продлабочувањето на енергетската криза во Куба.

Во неколку квартови на кубанскиот главен град синоќа се одржале изолирани протести, на кои луѓе излегле на улиците и удирале по тенџериња и покрај засиленото полициско присуство.

Во овој контекст, министерот за енергетика Висенте де ла О изјави дека земјата веќе не располага со резерви на дизел гориво и мазут. Според него, Куба ги продолжува преговорите за увоз на гориво и покрај ограничувањата воведени од администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Од јануари наваму, ниту Мексико ниту Венецуела, кои традиционално беа меѓу главните добавувачи на нафта за земјата, немаат испратено гориво за островската држава.

Трамп во јануари потпиша указ со кој се закани со казнени царини за државите што доставуваат гориво за Куба.

Од декември наваму само рускиот танкер „Анатолиј Колодкин“ доставил сурова нафта за Куба, што се случило во април.

Минатата недела Обединетите нации ги оценија американските ограничувања врз доставките на гориво како незаконски.

Според кубанските власти, војната меѓу САД и Иран и поскапувањето на нафтата и транспортот дополнително ги отежнуваат напорите на земјата да обезбеди суровини.

Националниот електроенергетски систем на Куба е во критична состојба. Во Хавана се забележуваат едни од најтешките прекини во снабдувањето со струја со децении, при што во некои квартови струјата се исклучува меѓу 20 и 22 часа дневно.

Министерот рече дека електроенергетската мрежа во моментов се потпира главно на локална сурова нафта, природен гас и обновливи извори на енергија.

Во текот на последните две години во земјата се инсталирани 1300 мегавати соларни капацитети но голем дел од тој капацитет не може да се користи поради нестабилноста на електропреносната мрежа.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1