Вести
Муцунски ја повика опозицијата да не ја блокира реформската агенда преку изборниот законик и правосудните реформи
Министерот за надворешни работи Тимчо Муциунски ја повика опозицијата да има одговорен пристап за реформската агенда, да придонесе во европската иднина и да ја тргне настрана дневната политика. Соопшти дека во следниот период се очекува „историски висока исплата на средства за државата во рамките на планот за раст“.
– Европската интеграција не може да биде успешна без сериозност, без одговорност и без минимум национален консензус за најважните државни прашања. Ова не е процес на една влада и на една политичка партија, ова е процес што ја определува иднината на државата. За реформската агенда ни е потребен политички дијалог заснован на аргументи, институции и заемна почит, а не на дневнополитички конфронтации, што ја поткопуваат довербата во процесот – истакна Муцунски на прес-конференција во Владата.
Како што рече, реформската агенда не е само парола, туку подразбира функционални институции, владеење на правото, незвисно правосудство, држава што работи по европски стандарди, но исто така подразбира и чувство на одговорност кон државата.
– Затоа денес сакаме јасно да упатиме повик до опозицијата – да ја тргне дневната политика настрана кога станува збор за европската иднина и да покажеме зрелост и конструктивност за реформите клучни за државата, особено реформите што се директно поврзани со европската агенда и планост за раст. Пред сè, Изборниот законик и правосудните реформи. Токму тука денес е потребна политичка зрелост. Не декларативна поддршка за Европа на прес-конференции, туку конкретна поддршка онаму каде што навистина се носат одлуките – во институциите и во Собранието. Ова не се само обични законски измени, туку реформи што директно влијаат врз кредибилитетот на државата, врз владеењето на правото и врз способноста да продолжиме да ги користиме можностите што ги отвораат фондовите на ЕУ – апелира Муцунски.
Нагласи дека секое блокирање, одолжување или политизирање на овие процеси не е удар врз Владата, туку врз европската перспектива на државата и врз интересите на македонските граѓани.
– Едно говорат, а сосема друго прават, зборуваат за Европа, а ги бојкотираат законите. На прес-конференции секој ден велат Европа, а во пракса не ги поддржуваат законите и не учествуваат во работната група за закон што Европа го бара од нас. Неносењето на овие закони значи дека државата ќе губи средства за проекти и за капитални инвестиции од ЕУ-фондовите – рече Муцунски.
Посочи дека земјата во овој период добива сериозна поддршка и доверба од Европската Унија и затоа, рече, сите фактори имаат обврска да покажат одговорност и да придонесат кон реформите наместо да создаваат нови политички блокади.
– Остануваме силно посветени на реформите затоа што тие не се важни само за Брисел, туку, пред сè, за македонските граѓани и за подобри институции и економија – додаде шефот на дипломатијата.
Укажа дека реформската агенда е директно поврзана со планот за раст на ЕУ, механизам кој што твора сериозни можности за инвестиции, инфраструктура и економски развој.
– Сакам да ја информирам јавноста дека во следниот период очекуваме историски висока исплата на средства за државата во рамките на планот за раст. Тоа е јасен сигнал дека европските институции го препознаваат нашиот реформски капацитет, сериозниот пристап и институционалната подготвеност. Но, истовремено, тоа е и момент кога политичките чинители треба да покажат одговорност и зрелост. Бидејќи европската иднина не се гради на празни прес-конференции и со дневнополитички поени. Се гради со работа и со реформи и со чувство на одговорност кон државата и кон генерациите што доаѓаат, порача Муцунски.
мај 14, 2026
