Connect with us

Вести

Иванов на Евроазискиот економски самит во Истанбул: Нема европска вредност без европска доследност

Поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, учествуваше на 29-тиот Евроазиски економски самит организиран од Фондацијата „Мармара“, кој од 11 до 13 мај 2026 година се одржа во Истанбул, Турција.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, се обрати на сесијата „Глобален дијалог на лидери“, на тема „Европската Унија во пресрет на променливите глобални и економски вредности: Поствоен свет со војни, терор, конфликти и присилни миграции“, посветена на современите глобални предизвици, кризата на меѓународниот поредок, геополитичките промени, улогата на Европа и иднината на демократските вредности и глобалните економски текови.

Во своето обраќање Иванов испрати силни пораки за значењето на владеењето на правото, доследната примена на меѓународните принципи и потребата од обновување на довербата во институциите истакнувајќи дека денешната глобална криза не е само економска и безбедносна, туку и криза на принципи, легитимитет и доверба.

Осврнувајќи се на долгогодишните евроинтеграциски процеси на државите од Западен Балкан, Иванов нагласи дека нема европска вредност без европска доследност и дека правото ја губи својата суштина кога станува прашање на политичка удобност посочувајќи дека практиката на „подвижни цели“ и постојаните нови условувања создаваат чувство на неправда и недоверба кај државите што со години спроведуваат реформи.

Тој потенцира дека токму малите држави најдобро ја разбираат вредноста на правилата и правото бидејќи за нив тие претставуваат заштита во меѓународните односи. Во контекст на современите економски текови, посочи дека т.н. казино-капитализам создава систем во кој добивките се приватизираат, а загубите се социјализираат, што води кон криза на легитимитетот и довербата во демократските системи.

Предупредувајќи на двојните стандарди во современите меѓународни односи, Иванов истакна дека правото не смее да се применува селективно бидејќи „правото што важи само за слабите не е право, туку организирано насилство со подобри манири“.

Иванов своето обраќање го заврши со симболичната порака дека „Империите минуваат. Реките остануваат“ потенцирајќи дека вистинските цивилизациски вредности, правото и историската меморија остануваат темел врз кој се гради иднината.

На сесијата учествуваа и поранешните претседатели Абдула Ѓул од Турција, Данило Тирк од Словенија, Борис Тадиќ од Србија, Емил Константинеску од Романија, Стјепан Месиќ и Иво Јосиповиќ од Хрватска, Вацлав Клаус од Чешка и други поранешни државници од Европа, Азија и од Африка.

За време на самитот, претседателот Иванов оствари повеќе средби и разговори со актуелни и поранешни државници, дипломати, професори, претставници на меѓународни организации и учесници од Европа, Азија и Блискиот Исток, при што беа разменети мислења за актуелните геополитички состојби, улогата на дијалогот меѓу цивилизациите и потребата од зајакната меѓународна соработка во услови на зголемена глобална неизвесност, безбедносни предизвици и геополитички промени.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1