Вести
Втор ден самит на „Македонија 2025“: Лидерството и довербата се клучни за иднината во ера на глобални промени и вештачка интелигенција
Значењето на лидерството во услови на кризи и притисоци, улогата на компаниите и институциите во задржување на талентите, како и влијанието на вештачката интелигенција во образованието, пазарот на труд и иднината на работните места беа во фокусот на вториот ден од Самитот на Македонија 2025 што се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување на лидерство“.
Претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“ Светозар Јаневски порача дека лидерството не може да се гради врз страв, туку врз доверба и заедничка визија. Посочи дека во најтешките моменти за компанијата, на почетоците кога го презел управувањето со „Тиквеш“, одбил масовни отпуштања, бидејќи како што рече „кога луѓето се плашат, тоа не е добро за компанијата“.
– Не треба да бидеме просечни, треба да бидеме најдобри или ќе пропаднеме, порача Јаневски, осврнувајќи се на трансформацијата на „Тиквеш“ од локална компанија во регионален и престижен интернационален бренд.
Генералниот директор на ЕВН Македонија, Волфганг Маер потенцираше дека успешните организации не се градат само врз стратегии и документи, туку врз луѓе кои веруваат во заедничката визија. Повикувајќи се на мислата на францускиот писател автор на „Малиот принц“, Маер рече „Ако сакате да изградите брод, не им давајте задачи на луѓето, туку научете ги да сонуваат за морето“.
Според него, најважно е луѓето да ја сакаат работата што ја работат и да чувствуваат дека придонесуваат кон нешто вредно и корисно.
– Лидерите мора да носат одлуки. Некогаш и погрешна одлука е подобра од никаква одлука. Ако луѓето немаат доверба во вас, никој нема да ве следи, истакна Маер, посочувајќи дека младите генерации денес бараат компании кои се чесни, транспарентни и имаат јасна цел.
Во завршницата, говорницитесо пораки за потребата од поголема соработка и заедничка визија за регионот. Според Јаневски, Балканот може да напредува само преку партнерство и заедничко делување, особено во контекст на европската интеграција. Маер, пак, нагласи дека Европа мора повторно да се фокусира на иновациите, на новите технологии и на вештачката интелигенција, која мора да се гледа како можност, а не како ризик.
Свое обраќање на Самитот имаше и глобалниот стратег за лидерство Рон Томас, кој говореше за драматичните промени што вештачката интелигенција ги носи во образованието, работните места и начинот на функционирање на компаниите. Томас истакна дека светот влегува во период во кој традиционалните модели на образование и кариера повеќе нема да бидат доволни и дека сите, без разлика на образованието и професионалното искуство, ќе мора континуирано да учат и да се адаптираат.
– Не е важно какво образование имате. Во иднина сите ќе мора секој ден да учиме по нешто ново, порача Томас.
Тој предупреди дека вештачката интелигенција веќе суштински го менува пазарот на труд, посочувајќи ги примерите со големи глобални компании кои најавуваат масовни кратења на работни места, но и позитивни примери на преквалификација на вработените. Како пример ја посочи ИКЕА, која наместо отпуштања, дел од вработените ги преквалификува за нови позиции и задачи во компанијата.
– Вештачката интелигенција не може да се игнорира. Стариот начин на работа повеќе нема да функционира, истакна Томас.
Во текот на вториот ден од Самитот се одржаа и панели и дискусии посветени на иднината на работата, вештачката интелигенција, улогата на дијаспората како стратешки капитал, лидерството, иновациите и развојот на младите таленти.
Меѓу говорниците на денешната програма на Самитот се и Дејзи Иларија, Кати Ицева, Војдан Карапетковски, Томаш Лауко, Мартин Марс, Алек Ицев, д-р Јелена Беговиќ, Тамара Станковиќ, Ѓорѓи Филиповски, Дарко Фиданоски, Вал Јусуфи, Емил Христов, Тања Михајловска Димитриевска, Џери Наумоф, Митре Кутановски, ко-основач на Македонија2025/Фондација „Атанас Близнакоф“, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, како и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој се обрати во рамки на завршната сесија на Самитот.
Со дискусии фокусирани на лидерството, иновациите, дигиталната трансформација и потребата од поголема соработка меѓу институциите, бизнисот и дијаспората, Самитот на Македонија2025 и годинава ја потврдува својата улога како една од најзначајните регионални платформи за идеи, партнерства и иницијативи насочени кон економски раст, модернизација и глобално поврзување на Македонија.
мај 13, 2026
