Вести
Министерството за правда одржа состанок за е-платформата – значајна алатка за следење корупција и организиран криминал
Во Министерство за правда се одржа состанок посветен на е-платформата за трак-рекорд за корупција и организиран криминал во рамките на исполнувањето на обврските од реформската агенда во областа владеење на правото.
На состанокот, како што соопшти Министерството за правда, се разговарало за навременото и прецизно внесување податоци во е-платформата, која претставува значајна алатка за следење на резултатите во борбата против корупцијата, организираниот криминал и перењето пари.
Трите реформски чекори се однесуваат на зголемување на бројот на истраги, обвиненија и пресуди за корупција, зголемување на резултатите во борбата против организираниот криминал, како и унапредување на финансиските истраги, заплените и конфискацијата на незаконски стекнат имот.
– Министерството за правда, како координатор на областа владеење на правото, континуирано ја информира Европската комисија за спроведувањето на реформските активности. На последниот мониторинг-состанок со Европската комисија беше констатиран позитивен напредок во исполнувањето на обврските – велат од Министерството.
Од Министерството за правда посочуваат дека ќе останат посветени на јакнење на институционалната координација, транспарентноста и ефикасноста во борбата против корупцијата и организираниот криминал во согласност со европските стандарди и реформските приоритети на државата.
мај 13, 2026
