Вести
Јаневска за случајот во Штип: За жал, приватните образовни центри не се под надлежност на МОН, но мора да ги вклопиме
По случајот со 65-годишниот управител на образовен центар во Штип, кој е приведен под сомнение дека допирал неколку малолетни ученички за време на дополнителна настава, денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека, за жал, приватните образовни центри не се под надлежност на Министерството за образование и наука и целта на МОН е да се вклопат во образовниот систем.
– За жал, приватните образовни центри не се под надлежност на Министерството за образование и наука. Моите информации велат дека тие се надвор од образовниот систем. Имаме намера да ги вклопиме во системот за да може да спроведуваме мониторинг на нивната работа. МОН две години не е запрено, 24 часа работи, толку многу закони мораа да се променат за да се подобрат стандардите за да обезбедиме квалитет кај сите фактори во образованието. Има и високообразовни установи што треба да се стават во системот, како и училишта што побараа од нас да се вклопат во системот. Ќе го направиме тоа во догледно време – рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања.
Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека 65-годишен управител на образовен центар во Штип е приведен под сомнение дека подолг период допирал по телото неколку малолетни ученички за време на одржување дополнителна настава. Во неговиот дом и во образовниот центар, по претходна судска наредба, извршени се претреси и одземени се предмети за понатамошна постапка. Определен му е 30-дневен притвор.
мај 13, 2026
