Свет
Русија соопшти дека тридневното примирје со Украина истече и оти воените операции се продолжени
Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека тридневното примирје со Украина истече и оти руските сили ги продолжиле воените операции, пренесуваат руските медиуми.
Министерството исто така наведе дека руската противвоздушна одбрана соборила 108 украински дронови во текот на изминатото деноноќие.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека развојот на мировните преговори сугерира дека војната во Украина е речиси завршена, коментирајќи ја изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, според која конфликтот во Украина „се приближува кон својот крај“.
Песков појасни дека Русија ја поздравува улогата на САД како посредник во преговорите и ја потврди позицијата на Москва, според која војната може да биде запрена во кој било момент, доколку Украина и претседателот Володимир Зеленски ја донесат потребната одлука.
Портпаролот на Кремљ истакна дека руската влада ги презела потребните мерки за да ја обезбеди стабилноста на економијата, иако Москва била принудена да ги повлече своите прогнози за економски раст за оваа година.
Песков додаде дека подготовките за посетата на Владимир Путин на Кина се веќе во завршна фаза, појаснувајќи дека датумот на посетата ќе биде објавен навремено.
мај 12, 2026
