Свет
Нетанјаху: ЕУ го разоткрива моралниот банкрот со лажната симетрија меѓу Израелците и Хамас
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја критикуваше Европската Унија по одлуката на Брисел да воведе санкции врз одредени израелски доселеници за насилство врз Палестинците.
„Додека Израел и САД ја вршат валканата работа на Европа борејќи се за цивилизација против џихадистичките лудаци во Иран и на други места, Европската Унија го разоткри својот морален банкрот со цртање лажна симетрија меѓу израелските граѓани и терористите на Хамас“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху на официјалниот профил Икс.
Одлуката на ЕУ за санкции се однесува на лица кои, според Брисел, учествувале во акти на насилство врз Палестинците на Западниот Брег.
Европската Унија претходно постојано повикуваше на ограничување на насилството на доселениците и почитување на меѓународното право на палестинските територии.
Министрите за надворешни работи на ЕУ претходно постигнаа договор за воведување санкции врз израелските доселеници на окупираниот Западен Брег поради напади врз Палестинците, како и одредени членови на Хамас.
Претходно, Обединетите нации соопштија дека Израел од почетокот на минатата година насилно раселил речиси 40.000 Палестинци од нивните домови низ окупираниот Западен Брег.
мај 12, 2026
