Connect with us

Свет

Мореузот како оружје – Ормуски, Малајски, Тајвански…

Дојче Веле

Кризата околу Ормуската Теснина го привлекува вниманието кон други поморски тесни грла. Експертите предупредуваат дека теснините како што се Малајската или Тајванската сè повеќе стануваат алатки за геополитички притисок.

Вињетки за премин низ Малајската Теснина: тоа би бил профитабилен бизнис. „Ако навистина ги поделиме приходите од вињетки на три дела, помеѓу Индонезија, Малезија и Сингапур, тие би можеле да пораснат до значителна сума“, изјави индонезискиот министер за финансии Пурбаџа Џуди Садева кон крајот на април.

Очигледно тој не бил сосема сериозен, бидејќи неколку дена подоцна индонезискиот министер за надворешни работи Сугионо нагласи дека неговата земја ја почитува слободата на пловидба и нема да наплаќа никакви транзитни такси за Малајскиот мореуз.

Меѓутоа, идејата дека бродскиот сообраќај може да се злоупотреби како геополитичка алатка – не само во Ормуз, туку и во другите теснини – веќе постоеше.

„Затворањето на Ормуската Теснина ги принуди креаторите на политиките во Азија да ја разгледаат безбедноста на другите поморски тесни грла“, наведе Ројтерс.

Во регионот, ова особено се однесува на Малајскиот Проток. Низ него поминува најважната трговска рута помеѓу Источна Азија, Блискиот Исток и Европа. Околу 22 проценти од глобалната поморска трговија поминува низ теснина помеѓу Индонезија, Малезија и Сингапур.

Ризик од геополитичко влијание

Истовремено, повеќе не станува збор само за пиратство или регионални конфликти. Оваа нова закана веќе беше посочена во ноември минатата година од американскиот тинк-тенк Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS).

Дури и недржавните актери сега се способни значително да ги нарушат глобалните трговски текови. CSIS ги наведува нападите на шиитската милиција Хути во Црвеното Море како пример. Многу бродски компании сега ја избегнуваат рутата низ Суецкиот канал и ја избираат многу подолгата рута околу ’Ртот Добра Надеж – со сериозни последици за синџирите на снабдување и цените.

Николаус Шолик, политиколог, некогаш полковник во австриските вооружени сили, а денес виш советник во Австрискиот институт за европска и безбедносна политика (AIES), во ова гледа фундаментална промена во геополитичката динамика на моќта.

„Денеска сме сведоци на последиците од развојот на настаните во кои одредени држави веруваат дека можат легално да доминираат во стратешки важните теснини“, изјави Шолик за Дојче Веле.

Тој смета дека е особено опасно што теснините, како што се Ормуската, Малајската или дури и Тајванската стануваат лостови на геополитичко влијание.

Ова мислење го дели и Кристијан Вирт од Азиската истражувачка група при Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (SWP).

„Дали една теснина е особено ранлива зависи првенствено од три фактори: обемот на сообраќај, постоењето на алтернативни патишта и политичката ситуација во регионот“, објаснува Вирт за Дојче Веле. 

Колку е поважна рутата и колку е потешко да се заобиколи, толку е поголема неговата стратешка важност, вели тој.

„Враќање на географијата“

Иако Ормуз – низ кој минува значителен дел од глобалниот извоз на нафта и гас – во моментов изгледа особено ранлив, Шолик верува дека фокусот не треба да се ограничи на Персискиот Залив.

„Во такво сценарио, Тајванската Теснина би била уште позначајна од Ормуската“, вели тој, осврнувајќи се на потенцијален конфликт меѓу Кина и Тајван. Голем дел од трговијата на Азија поминува низ оваа теснина, исто како што поминува низ малајската.

Во моментов, политичарите ширум светот го доживуваат „враќањето на географијата“, пишува во анализата на Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS) од Лондон. 

Теснините како Ормуз, Баб ел Мандеб и Тајван одамна станаа повеќе од обични географски премини. Тие сè повеќе се претвораат во стратешки лостови на геополитичка моќ. Блиската глобална меѓусебна поврзаност, нагласува IISS, создава нови зависности – а со тоа и нови средства за притисок.

Сепак, меѓународното право е јасно. „Принципот на транзит важи за теснини од меѓународно значење“, вели Вирт. „Ова значи дека бродовите, вклучително и воените бродови, можат непречено да минуваат низ теснините што се сметаат за меѓународни води и во нивните нормални режими“.

Блокирањето на меѓународна теснина би било сериозно кршење на меѓународното право, додаде тој. Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето гарантира мирно поминување дури и на воени бродови низ крајбрежните води кои се дел од суверената територија на соседните држави.

Плаќањето транзитни такси, вели Шолик, генерално не е дозволено во такви случаи. Единствени исклучоци се вештачките водни патишта, како што се Суецкиот или Панамскиот канал.

Кршливо поморско право

Шолик дополнително нагласува дека меѓународното поморско право јасно гарантира слобода на пловидба. Вистинскиот проблем, сепак, е политичката реалност:

„Меѓународното право функционира само ако државите се подготвени да го почитуваат“, вели тој. Како пример, тој го наведува Јужното Кинеско Море, каде што Кина ја игнорираше пресудата на меѓународната арбитража во корист на Филипините.

Истовремено, експертите предупредуваат да не се преценува класичната воена моќ.

„Веќе не ви е потребна голема флота за сериозно да го нарушите преминувањето низ теснината“, вели Шолик. Според него, Иран покажа дека може да се изврши значителен притисок со мали, брзи чамци, ракети или асиметрично оружје.

IISS дава слична проценка: „Дури и релативно малите држави или недржавните актери поседуваат капацитети што можат ефикасно да го спречат пристапот до морето“.

Вирт, сепак, истакнува дека целосната блокада на теснината би претставувала огромен ризик дури и за земјата што би се обидела да го стори тоа. Економската штета, вели тој, најчесто би паднала врз главата на лицето што го блокира. Кина, особено, би била тешко погодена во случај на ескалација во Тајванската или Малајската Теснина.

Поморски тесни грла

Експертите се согласуваат дека ранливоста на глобализираната економија расте. Шолик укажува на таканаречениот принцип „точно на време“(just‑in‑time) во современите синџири на снабдување – поради кој компаниите речиси и да не одржуваат залихи. Затоа, дури и краткорочните нарушувања можат да имаат глобални економски последици.

CSIS верува дека Ормуската Теснина не е изолиран случај, туку симптом. Современата глобална економија зависи од неколку клучни поморски тесни грла чие нарушување има далекусежни последици.

Затоа дебатата за Малајската Теснина има значење далеку над Југоисточна Азија. Острата реакција на Сингапур, Малезија и Индонезија на идејата за потенцијални транзитни такси покажа колку е привлечно да се користи географската контрола како политичка или економска алатка – и колку опасно би било секое доведување во прашање на слободата на навигација за глобалната економија денес.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1