Свет
Извештај: Рекорден број интерни раселувања во 2025 година поради конфликти и насилство
Бројот на внатрешно раселени лица поради конфликти и насилство достигна рекордно ниво во 2025 година, за првпат надминувајќи ги раселувањата предизвикани од природни катастрофи, покажа извештајот на Центарот за следење на внатрешно раселување (ИДЦМ).
Според податоците од извештајот, до крајот на 2025 година се забележани 32,3 милиони нови внатрешни раселувања поврзани со конфликти, што претставува пораст од 60 отсто во однос на претходната година.
Раселувањата предизвикани од катастрофи изнесуваа 29,9 милиони. Вкупниот број на луѓе кои во текот на годината или претходно биле внатрешно раселени достигна 82,2 милиони, додека 62,2 милиони останале со статус на раселени лица.
Генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци, Јан Егеланд, во чии рамки е ИДЦМ, ги оцени овие податоци како „знак за глобален колапс“ во заштитата на цивилите, наведувајќи дека милиони луѓе се соочуваат со враќање во уништени домови или неможност за враќање.
Во извештајот е наведено дека повеќе од 83 отсто од сите раселувања се поврзани со конфликти, додека останатите се предизвикани од природни катастрофи.
Најголем број внатрешно раселени лица е забележан во земјите како Судан, Колумбија, Сирија, Јемен и Авганистан, при што Судан останува земја со најголем број раселени трета година по ред.
Директорката на ИДЦМ, Трејси Лука, предупреди дека многу луѓе се раселуваат повеќепати и оти системите за заштита во многу земји слабеат, што, според неа, го отежнува изнаоѓањето трајни решенија.
Во извештајот исто така се истакнува дека речиси половина од раселувањата предизвикани од конфликти се поврзани со меѓународни вооружени судири, што е значителен пораст во однос на претходната година.
мај 12, 2026
