Connect with us

Вести

ФЕС: Безбедносната култура има големо значење за регионот на Западен Балкан, промовирана монографија за безбедносни политики

Денес, во Скопје се одржува Втората научна конференција „National Security Cultures – A View from the Balkans“, посветена на современите предизвици во областа на безбедноста, демократската отпорност и регионалната соработка, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје.

Конференцијата обедини професори, истражувачи, експерти и претставници на академската и безбедносната заедница од повеќе земји од регионот, со цел продлабочување на дебатата за улогата на безбедносната култура во современите општества.

Во рамки на конференцијата беше промовирана и монографијата „National Security Cultures – A View from the Balkans“, која претставува резултат на регионална академска и професионална соработка.

Настанот го отворија проект менаџерката во ФЕС Сања Барлаковска и Универзитетската професорка д-р Марина Митревска од Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Барлаковска истакна дека денешните глобални околности бараат нов пристап кон разбирањето на безбедноста.

„Безбедносна култура има особено значење за регионот на Западен Балкан, имајќи ги предвид специфичните историски искуства, политичките транзиции и актуелните безбедносни предизвици. Верувам дека оваа монографија ќе претставува значаен придонес не само за академската заедница, туку и за пошироките дебати за безбедноста, демократијата и иднината на регионот“, рече Барлаковска.

Универзитетската професорка Марина Митревскa, потенцираше дека безбедноста е драгоцено јавно добро, односно нужен елемент на секое добро општество и доблесна задача на демократската држава е да го создаде и да го одржува ова јавното добро. Таа, рече дека регионално нашето минато и искуство како држави со слични предизвици треба да не води кон креирање заедничка иднина, за доброто на сите нас, како поединци и како држави.

„Безбедносната култура ја земаме како основа за анализа преку различни аспекти на национални и транснационални безбедносни искуства, со посебен акцент на регионалната перспектива и безбедносната култура во демократското општество. Во мое име и во име на тимот кој го организираше овој проект, изразувам голема благодарност, до тимот на Фондација Фридрих Еберт кој е долгогодишен соработник“, порача Митревска.

На промоцијата на монографијата „National Security Cultures – A View from the Balkans“ беа споделени видувања на рецезентите проф. д-р Нано Ружин, професор емеритус, вонр. проф. д-р Оливера Инјац, проф. д-р Зоран Кековиќ, како и вонр. проф. д-р Светлана Станаревиќ од Факултетот за безбедносни студии при Универзитетот во Белград, Република Србија.

Проф. д-р Нано Ружин истакна дека општеството се соочува со бројни предизвици. Модуларната болница во Тетово, трагичниот пожар во Кочани, како и настанот со пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград покажаа системски слабости и нефункционалност на институциите.

„Безбедносната култура е поврзана со начинот на размислување, пристапот кон безбедносните ризици и влијанието на културата. Авторите на анализата успеаја да ја истакнат улогата на културите и националните разлики како основа за разбирање на современите безбедносни предизвици. Овие културни разлики, особено на Балканот, нè упатуваат на потребата од подлабоко разбирање, критичко читање и развој на безбедносната политика, како и образовниот пристап во оваа област“, рече Ружин.

Проф. д-р Зоран Кековиќ порача дека безбедноста не се создава во избегнување на опасностите, туку во нивното соочување, а не преку страв и повлекување.

„Оваа публикација претставува многу важен материјал кој треба да им послужи на носителите на одлуки, креаторите на политики, луѓето во јавната администрација и организациите на граѓанското општество, за подобро разбирање на безбедносните феномени и одговорно справување со нив. Опасностите треба да ги разбираме и да ги претвораме во повисоко ниво на одговорност во нашето делување.

Во рамки на конференцијата се одржуваат два тематски панели: „Security Culture as a Framework of National and Supranational Security Policies and Practices“ и „Security Culture and Democratic Resilience“, на кои учествуваат професори и експерти од Северна Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1