Connect with us

Вести

Јаневскa: Ќе разговараме за забрана на телефони на настава во средните училишта

Министерката за образование и наука најави лиценцирање на училишните психолози за да детектираат разни видови проблеми во училиштата и да преземат мерки. Од Комората на психолозите ќе побара да организира додатни обуки за психолозите бидејќи едни учеле по стари, а други по нови програми.

Во врска со случаите на педофилија кај наставници, Јаневска изјави дека во образованието има многу проблеми, но, рече, овој е еден од најтешките и ние преземаме мерки за справување. По случаите, кои се познати во јавонста, рече, постапил Државниот просветен инспекторат и е пријавено и во полиција и во јавните обвинителства.

– Се обраќам уште еднаш до наставниците, кои се колеги на оние што го вршат нелегалното дело, но се и наставници на учениците што треба да бидат заштитени од оние што прават недозоволиви дејства. Ќе го зајакнеме приправничкиот испит затоа што таму се неопходни промени и, дополнително, ќе почнеме иницијатива за лиценцирање на психолозите, чија основна улога би била да детектираат каков било проблем во училиштето и да преземат мерки. Лиценцирањето ќе се однесува за целокупната нивна работа. Постојат и други алатки што ние ги применуваме. Сè што е забележано им се пријавува на соодветните институции – изјави Јаневска пред почетокот на националниот натпревар на вештини 2026, во организација на Занаетчиската комора – Скопје.

По најавата за воведување дежурство на наставници во училишните ходници и во дворовите за обезбедување мирна средина, Јаневска посочи дека тоа не е нов облик и во некои училишта тоа функционирало.

– Но во многу училишта не функционира. Дописот е испратен и ние само ги потсетуваме на добрите практики и во нашата земја, но и во странство. Тие се луѓето одговорни за однесувањето на учениците и за мирната средина во училиштето. Но, сакам да нагласам дека децата не стануваат агресивни во училиштата, тие однадвор доаѓаат полни со агресија во училиштата, па затоа не е одговорноста само на наставниците, на целото општество, и треба да се работи и со родителите, и со социјалните служби. Проблемот е комплексен и треба да биде опфатен од сите страни, додаде Јаневска.

Во однос на забраната за поседување мобилни телефони за време на наставата, таа одговори дека во најголем дел од училиштата директорите и наставниците веќе презеле мерки со кои на учениците им се одземаат телефоните и ги добиваат за време на одморите.

-Со оглед на тоа што целата земја не е покриена со интернет-мрежа, со смарт-табли и со таблети, доколку наставникот процени дека е потребно да се употреби мобилниот телефон на децата, тогаш тој ќе даде посебна дозвола. Сметам дека овој начин за справување со мобилните телефони во училиштата е добар. Проблем е што учениците ги добиваат телефоните од родителите, надвор од училиштата, и тогаш тие неконтролирано се користат, рече Јаневска.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека за 15 дена ќе почне да функционира бесплатна психолошка поддршка во средните училишта, што ќе биде соработка на надворешен оператор со Град Скопје.

Тој се согласи со министерката Јаневска дека проблемот не се случува единствено во училиштата туку тие појави, рече, ги има и при вандализирање на детски катчиња и урбана опрема во градот.

-Ако сакаме на долг рок да ги решаваме проблемите, треба да развиеме стратегија која ќе донесе позитивни ефекти. Коренот треба да го бараме во семејствата и најпрвин таму да се посвети внимание, да видиме од каде потекнува агресијата и девијантното однесување на поединец или на група, паралелно да се работи со семејствата и со професорите, но многу треба да се работи со децата, и во оснионите и во средните училишта, изјави Ѓорѓиевски.

Посочи дека додека бил поранешен градоначалник на Кисела Вода не биле дозволени електронски уреди во наставата и дека општината била меѓу првите што забранила користење мобилни телефони.

-Тоа е добро да се практикува и во средните училишта и за тоа ќе разговараме со сите директори на средните училишта. Онаму каде што ќе има потреба да се користат, и е во согласност со наставата, таму ќе биде овозможено со посебна дозвола од наставниците, како што кажа министерката, а сè друго ќе биде посветено учење за време на часот, изјави градоначалникот на Скопје. во чија надлежност се средните училишта во главниот град.

Ѓорѓиевски во изјава за медиумите соопшти дека оваа година како пилот-проект Град Скопје планира да организира заедничка матурска прослава на учениците од сите средни училишта и матурата заедно да ја слават учениците од сите етнички припадности, од разни видови видови образование и социјални категории.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1