Свет
„Блумберг“: Трамп и Шји ќе разговараат за Иран, трговијата и ретките земни метали
Американскиот претседател Доналд Трамп на престојната средба со кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Пекинг ќе го отвори прашањето за кинескиот пристап кон Иран, како и теми поврзани со вештачката интелигенција, трговијата, енергетиката и ретките земни метали, пренесува „Блумберг“.
Високопоставени неименувани американски претставници за „Блумберг“ наведуваат дека средбата Трамп – Шји, закажана за 13 и 14 мај, се одржува во време на засилени несогласувања меѓу двете земји за трговските прашања и американската војна со Иран.
Според нив, двете страни планираат продолжување на разговорите за можни кинески набавки на американски производи, особено во земјоделскиот и воздухопловниот сектор, а можно е и заедничко соопштение за време или веднаш по посетата на Трамп на Кина.
Претставниците истакнале дека засега нема планови за поведување голема нова кинеска инвестициска програма во САД, ниту очекувања за позначајни промени во американската политика кон Тајван.
Во меѓувреме, американски претставник изјавил за американски медиум дека договорот меѓу САД и Кина за ретките земни метали и натаму е во сила и оти евентуалното продолжување ќе биде објавено „во соодветно време“.
„Договорот сè уште важи. Сè уште не е истечен“, рекол претставникот додавајќи дека разговорите за можно продолжување се во тек.
Последната средба меѓу Трамп и Шји се одржа во октомври минатата година во Јужна Кореја кога двајцата лидери се согласија привремено да го запрат трговскиот спор во чии рамки САД воведоа трицифрени царини за кинески стоки, а Пекинг се закани со ограничување на глобалното снабдување со ретки земни метали.
мај 11, 2026
