Connect with us

Вести

Сали: Европската интеграција мора да биде праведна, инклузивна и еднаква за сите

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, се обрати на националната консултација „Од обврски до акција: родово одговорен патоказ за пристапување кон Европската Унија“, организирана од Министерството за европски прашања во соработка со канцеларијата на UN Women во Република Северна Македонија.

Во своето обраќање министерот Сали истакна дека процесот на европска интеграција не е само техничко усогласување со законодавството на ЕУ, туку суштинска општествена трансформација, во која родовата еднаквост претставува клучен показател за квалитетот на демократијата.

– Европската Унија е заедница на вредности, а еднаквоста е една од нејзините темелни вредности. Затоа родовата перспектива мора да биде интегрирана во сите политики, реформи и институционални процеси – нагласи Сали.

Тој потенцира дека и покрај постигнатиот напредок, остануваат предизвици во надминувањето на структурните нееднаквости, јакнењето на институционалните капацитети и подобрувањето на меѓуинституционалната координација.

Министерот Сали повика на заедничка одговорност на сите институции истакнувајќи дека европската интеграција се мери не само преку донесени закони туку преку реалното влијание врз животот на граѓаните.

– Нашата амбиција е да изградиме патоказ кој ќе биде применлив, мерлив и насочен кон конкретни резултати. Ова не е само подготовка на стратешки документ – ова е поставување нов стандард во креирањето политики – истакна Сали.

Настанот претставува важен чекор во развојот на родово одговорниот патоказ за пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ во соработка со UN Women, кој има цел системска интеграција на принципите на родова еднаквост во процесот на европска интеграција. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 4