Вести
Почина новинарката на МИА, Ирена Радовановиќ
По долго боледување, на 53-годишна возраст почина новинарката на МИА, Ирена Радовановиќ, една од препознатливите фигури во македонското новинарство, особено во областа на внатрешната политика.
Новинарската кариера ја почна во неделникот „Фокус“ во 1991 година, каде што работела до 2001 година, по што продолжува во „Вечер“ како новинар во внатрешнополитичката рубрика. Во 2004 станува дел од редакцијата на „Нова Македонија“, а од 2006 и 2007 на дневниот весник „Македонија денес“ и неделникот „Денес“. Работела и во политичките неделници „Форум“, во весникот „Дневник“ и во Радио Слободна Македонија.
Дел од тимот на новинската агенција МИА станува во 2014 година како новинар во внатрешнополитичката редакција и новинар аналитичар.
Со нејзиното заминување МИА и македонското новинарство загуби посветен професионалец, кој трајно ќе остане запаметен.
– Си замина нашата Ирена. Се боревме една и пол година. Тешко, со болка, но и со надеж. Мала, но надеж. На крајот, се предаде. Така, има години, месеци и денови, кои се баш тешки. Овие се токму такви, напиша на „Фејсбук“ директорот на МИА, Дарко Јаневски.
МИА изразува сочувство до семејството на нашата Ирена.
Погребот ќе биде утре на гробиштата во Радишани во 11 часот (капела во 10.30 ч).
мај 8, 2026

