Вести
Македонија ја потпиша Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција – прва меѓународно обврзувачка за нејзино одговорно користење
Министерот за правда Игор Филков и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, денеска во Влада таја потпишаа Рамковна конвенција за вештачка интелигенција на Советот на Европа – прв обврзувачки меѓународен инструмент, кој поставува јасни принципи и стандарди за развој и употреба на вештачката интелигенција.
Рамковната конвенција ги надополнува постојните меѓународни стандарди за човекови права, демократија и владеење на правото и има цел да ги пополни сите правни празнини што може да произлезат од брзиот технолошки напредок. За да го издржи тестот на времето, Рамковната конвенција не ја регулира технологијата и е во суштина технолошки неутрална.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, на потпишувањето нагласи дека Северна Македонија е 46. земја што се приклучува кон Конвенцијата, што потврдува дека вештачката интелигенција мора да му служи на човештвото.
– Усвојувањето е само почеток, сега ќе биде приоритет да се направи ратикфикација и спроведување. Се наоѓаме среде технолошка револуција, поттикната од дигитални технологии, каде што вештачката интелигенција бргу се развива – побргу од демократските заштитни мерки. Вештачката интелигенција веќе го обликува начинот на кој носиме одлуки, институциите и довербата и одговорот не е да покажеме отпор на ова транформација. Задача ни е вештачката интелигенција да ја направиме одговорна во согласност со човековите права, демократијата и владеењето на правото. Таа порака Македонија ја праќа денеска – изјави Берсе.
Филков на потпишувањето во Владата изјави дека правната рамка, унапредувањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото мора да го следат темпото на брзиот технолошки развој и дека Конвенцијата претставува историски исчекор во таа насока.
– Што значи ова за Македонија? Пред сè, значи дека воведуваме јасни гаранции дека вештачката интелигенција ќе се користи на начин што ги почитува човековото достоинство, еднаквоста и недискриминацијата. Граѓаните ќе имаат поголема заштита на приватноста и на личните податоци, како и пристап до ефективни правни лекови доколку нивните права бидат повредени – порача Филков.
Конвенцијата, посочи Филков, им овозможува на државите да ги приспособат мерките во согласност со своите правни и институционални системи, а притоа да ги почитуваат универзалните стандарди.
– Ова е од клучно значење за ефективна имплементација и одржливи резултати. Свесни сме дека пред нас стои сериозна работа. По потпишувањето, ќе следува темелна предратификациска анализа и процес на усогласување со нашето национално законодавство. Ќе бидат вклучени сите релевантни институции, експерти и фактори, со цел да обезбедиме квалитетна и сеопфатна примена на обврските што произлегуваат од Конвенцијата – изјави Филков.
Потпишувањето, посочи Филков, отвора простор за засилена меѓународна соработка – ќе разменуваме знаење, искуства и добри практики со други држави, со што ќе го унапредиме управувањето со новите технологии и ќе обезбедиме безбедни иновации.
– Денес, испраќаме јасна порака: технолошкиот развој мора да биде во служба на граѓанинот. Иновациите мора да бидат безбедни, етички и одговорни. Да ги избегнеме ризиците, но, пред сè, да ги искористиме придобивките – за подобри јавни услуги, поефикасно правосудство и посилна демократија – изјави Филков.
Усвоена од страна на Комитетот на министрите на Советот на Европа во мај 2024 година и отворена за потпишување на 5 септември 2024 година, Конценвијата досега е потпишана од Европската Унија, САД, Андора, Ерменија, Босна и Херцеговина, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Црна Гора, Норвешка, Молдавија, Сан Марино, Швајцарија, Украина, Обединетото Кралство, Канада, Израел, Јапонија и Уругвај.
мај 8, 2026

