Вести
Судот во Велес ја запре постапката за кривично гонење на поранешниот судија Лазар Нанев
Се запира постапката поведена по обвинителниот предлог III КО.бр.46/25 од 23.06.2025 година на Основното јавно обвинителство Велес против обвинетиот Л.Н. од Кавадарци, за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ, денеска официјално информира Основен суд Велес на својата веб-страница.
Во известувањето од Судот се наведува дека вака донесеното решение е врз основа на чл.62 ст.2 од ЗКП, бидеќи Основното јавно обвинителство Велес со писмен поднесок од 02.03.2026 година го извести Судот дека го повлекува обвинителниот предлог против обвинетиот и се откажува од понатамошно гонење за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ.
Лазар Нанев е поранешен судија и поранешен претседател на Основен суд Кавадарци. Против него во Основен суд Велес се водеше парница по предметот К.бр. 224/ 25 за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ.
На 16 октомври 2024 година Судскиот совет го разреши Нанев од функцијата судија заради две поднесени дисциплински постапки за 97 телефонски јавувања во само неколку дена со обвинет во предмет што го судел. Покрај тоа, обвинителка од Кавадарци го пријавила Нанев за притисоци и недолично однесување. Токму обвинителниот предлог по кој постапуваше Основното јавно обвинителство Велес против Нанев е за подонесената кривична пријава од Судски совет за предметот заради кој беше разрешен.
март 17, 2026

