Connect with us

Општини

Во Штип одбележана Неделата на борба против глаукомот

По повод светската Недела на борба против глаукомот, Одделот за очни болести при ЈЗУ Клиничка болница –Штип , заедно со катедрата по Офталмологија на Медицинскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип денеска се вклучија во одбележување на Неделата за борба против глаукомот.

Раководителот на катедрата за офтамологија при Факултетот за медицински науки при УГД-Штип, д-р Страхил Газепов истакна дека болеста глауком е подмолна болест, која не предизвикува болки на очите, пореметување на видот, ниту пак чешање и црвенило на окото.

Глаукомот е една од водечките причини за неповратно слепило во светски рамки. Болеста се карактеризира со прогресивно оштетување на очниот нерв, најчесто асоцирано со покачен интраокуларен притисок, што доведува до постепено стеснување на видното поле и до значително намалување или целосна загуба на видната острина – вели д-р Газепов.

Глаукомот во раните фази не дава симптоми, поради што се нарекува „тивок убиец“, па често се дијагностицира доцна, што дополнително го зголемува ризикот од слепило. Навремената дијагноза и соодветниот третман се многу значајни, бидејќи со нив прогресијата на болеста може значително да се забави и да се зачува видот.

Глаукомот, вели д-р Газепов, често коегзистира со други очни заболувања, што може да влијае врз клиничката слика, дијагнозата и терапевтскиот пристап.

-Најчесто се среќава во комбинација со катаракта, дијабетична ретинопатија, макуларна дегенерација, како и со васкуларни заболувања на ретината. Може да биде секундарен, како резултат на воспалителни процеси (увеитис), траума или долготрајна употреба на кортикостероиди. Присуството на коморбидни очни состојби го зголемува ризикот од прогресивно оштетување на видната острина и бара мултидисциплинарен и индивидуализиран пристап во третманот – објаснува докторот.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4