Connect with us

Вести

Во ЕУ јавен превоз секојдневно користат 10,7 проценти од луѓето, во Македонија 9,6

Јавниот превоз, како клучен дел од одржливиот урбан транспорт во Европската Унија, секојденвно го користат 10,7 % од населението. Во Македонија речиси 7 % од луѓето секој ден користат градски автобус, 2,6 % меѓуградски автобус и 0,06 % воз (вкупно 9,6 %). Податоците покажуваат големи регионални разлики и укажуваат дека додека во некои скопски општини речиси 19 % од граѓаните најчесто користат градски автобус, во градовите од внатрешноста главна замена за автомобилот е организираниот превоз.

Приближно 10,7 % од луѓето од 16 години или постари во Европската Унија користат некаков вид јавен превоз секој ден, а над половина од луѓето – 51 % не користат јавен превоз. Во Македонија над третина од граѓаниет најчесто користат автомобил речиси 10 проценти од луѓето на возраст од 15 години и повеќе најчесто користат јавен превоз, а дополнително над осум отсто користат организиран превоз. 

Најмногу луѓе секојдневно користат јавен превоз во Унгарија (19,6 %), Швајцарија (19,2 %) и Луксембург (19 %). Најмалку користат на Кипар (4,5 %), Италија (5,1 %) и Словенија (6,2 %). 

Од земјите во регионот, во Албанија 16,8 % од луѓето секојдневно користат јавен превоз, Бугарија – 15,3 %, Србија 14,8 % и Грција 6,7 %.

Според податоците на Евростат, во 2024 година 10,7 % од луѓето (16 години или постари) во Европската Унија користеле некаков вид јавен превоз секој ден, 11,6 % го користеле секоја недела, 10,0 % го користеле секој месец, а 17,1 % го користеле помалку од еднаш месечно. Од друга страна, 50,6 % не користеле јавен превоз. 

Меѓу земјите од ЕУ, уделот на луѓе што не користеле јавен превоз во 2024 година бил највисок на Кипар, со 85 % од населението, по што следуваат Италија (68,0 %), Португалија (67,8 %), Франција (65,1 %), Словенија (61,6 %) и Грција (61,3 %). На другиот крај од скалата се Луксембург, каде што 15,7 % од луѓето не користеле јавен превоз во 2024 година, Естонија (26,6 %) и Шведска (26,7 %). 

Кога станува збор за луѓе што користат јавен превоз секоја недела, Луксембург регистрира најголем удел со 23,1 % од луѓето што го користат по што следат Латвија (19,2 %) и Естонија (18,2 %).

Во Македонија, последниот достапен податок е за 2021 година кога според податоците од Државниот завод за статистика, над 35 % од вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе до работа или училиште користеле автомобил, а јавен превоз користеле речиси десет проценти (градски автобус користат 7 %, 2,6 % меѓуградски автобус и 0,06 % воз). 

Дополнително, над 8 % до работа или училиште рекле дека користат организиран превоз. 

Во Скопје до работа со јавен превоз најчесто патуваат од Шуто Оризари, Ѓорче Петров и Гази Баба, а организираниот превоз го заменува градскиот автобус во Битола, Велес, Кавадарци, Прилеп…

Според податоците за вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе според полот и видот на превозното средство што најчесто го користат до работа или училиште, објавен со третиот сет податоци од пописот во 2021 година, во Скопје над 42 % најчесто до работа или училиште одат со автомобил (38,4 најчесто како возач и 4,1 најчесто како совозач), а на второ и на трето место како најчесто превозно средство се автобус и пеш – по 13 %. Само 2 % користат организиран превоз, а 1,1 % меѓуградски автобус.

Градски автобус најчесто користат во Шуто Оризари – 26 %, Ѓорче Петров – 20 % и Гази Баба – 19 %, а најмалку во Центар – 4 % и Карпош – 8 %.

Во општина Битола 17 проценти користат организиран превоз, а јавен превоз 7,3 % (градски автобус – 4 %, меѓуградски автобус – 3,3 %).

Во Велес 17 проценти најчесто користат организиран превоз, а 7 проценти користат јавен превоз – по три проценти градски и меѓуградски автобус и еден процент воз. 

Над 19 проценти од граѓаните во Кавадарци и Штип до работа користат организиран превоз, а 6 % автобус – по 3 % градски и меѓуградски автобус во Кавадарци и 4 % градски и 2 % меѓуградски во Штип.

Во Прилеп 18 проценти најчесто користат организиран превоз, а автобус 8 % (5 % градски и 3 % меѓуградски).

Маркетинг
Ad 1
Ad 4