Connect with us

Култура

Современа австриска уметност во Чифте амам: отворена изложбата „Флора – фауна – покриви“

Во присуство на многубројни гости и љубители на уметноста, синоќа во Националната галерија – објект Чифте амам, беше отворена изложбата „Флора – Фауна – Покриви“ на современите австриски уметници Констанце Пирх, Манфред Лајрер и Харо Пирх чии дела се инспирирани од природата, животот и просторот што нè опкружува.

 Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање пред присутните рече дека „изложбата е културен настан кој ја носи свежината од пријателска Австрија, но и убав повод уште еднаш да ги потврдиме традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави кои ги поврзуваат длабоки културни, историски и духовни врски“.

 Тој додаде дека двете држави со години градат партнерство каде што  културната соработка има особено значајна улога.

 „Македонија и Австрија со години градат стабилно партнерство засновано врз доверба, почит и заеднички европски вредности. Во тие односи, културната соработка има особено значајна улога – таа отвора простор за дијалог, размена на идеи и нови креативни партнерства меѓу институциите и уметниците од двете земји“, потенцираше Љутков.

 Според Љутков, ваквите иницијативи не само што ја збогатуваат културната понуда на градот, туку и ги зацврстуваат темелите на партнерството меѓу двете држави.

 Изложбата „Флора – Фауна – Покриви“, која ќе биде отворена за посетителите до 12 април,  ја реализира Амбасадата на Република Австрија во соработка со Националната галерија и со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4