Вести
Премиерот Мицкоски и министерот Николоски во Кочани: Запонуваат три нови инфраструктурни проекти
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски денеска во Кочани присуствува на отпочнувањето на изградбата на јужниот булевар и на активности за изградба на нов мост на Кочанска Река кој ќе ги поврзува улиците „Лазар Андонов“ и „Вера Которка“.
– Ова се инфраструктурни освежувања за Кочани. Јужниот булевар е клучна колатерала која ќе не поврза со експресниот пат Штип -Делчево. Постоечкиот пат датира уште од „југословенско“ време. Изградбата на уште еден мост на Кочанска Река, пак, ќе го растовари сообраќајот во градот и ќе го намали метежот околу кружните текови – рече кочанскиот градоначалник Владко Грозданов.
Тој најави уште неколку проекти чија реализација ќе започне наскоро.
– Работиме на решенија со кои на граѓаните ќе им овозможиме 4.000 квадратни метри паркинг простор, ќе поставиме нов потисен цевковод со што ќе се доби поквалитена вода за пиење, затоа што сегашната мрежа е стара 50- 60 години. Веќе е распишан тендер за проект за реконструкција на цевководот кој ја доведува геотермалната вода од изворите до корисниците во градот. Стартот на изградбата на Домот за стари лица ќе се случи наредната недела, изградбата на источниот булевар ќе заврши за седум месеци, ќе поставиме фотоволтаици на бунарите од каде се испумпува водата за пиење, со што значително ќе се намалат трошоците за електрична енергија кои сега семногу високи – издвои покрај останатото, Грозданов.
Премиерот Мицкоски од своја страна посочи дека се работи на повеќе проекти што ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните во Кочани и регионот. Го издвои експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево со граничниот премин со Бугарија. Изградбата на првата делница од Кочани до Виница е завршена, а финансирањето ќе биде со сопствени средства, рече тој.
– Се бара финансирање за делот од Виница до Делчево и мислам успешно ќе се заврши тој процес. Проектирањето тече така што сето она за коешто сме зборувале ќе го реализираме и работиме согласно приоритетите – смета Мицкоски.
Премиерот исто така соопшти и дека ќе се санира доводниот цевковод на геотермална вода, напоменувајќи дека општествено одговорна компанија ќе ги покрие трошоците.
– Таа иста општествено одговорна компанија ќе изврши санирање на тој цевковод така што некаде околу 8 или 9 места парчиња цевки треба да се пресечат и заварат нови за да се санира, исто како и отплатата за изолација термичка така што тие се нафатија како општествено одговорна компанија тоа да го направат без да биде наплатено ниту денар – изјави Мицкоски, напоменувајќи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува проектите во Кочани, но исто така и во соседните општини: Чешиново-Облешево, Виница, Штип, Карбинци и Пробиштип.
Инвестициите во Кочани и регионот во инфраструктурни проекти само од Министерството за транспорт се движат околу 5,5 милиони евра, истакна вицепремиерот Николоски.
– Почнуваме со реализација на влезниот булевар, кој што е проценета вредност околу 2 милиони евра и очекуваме во наредните година и половина да биде завршен. Понатаму мост на Кочанска Река со вредност од некаде околу 350.000 евра и она што долго време се очекуваше, проект кој што е започнат уште во 2013 година, тоа е довршување на водоводот со изработка на еден потисен цевковод кој што треба да овозможи чиста вода за пиење за поголем дел од градот, кој што е вредност некаде околу 1.100.000 евра и исто така очекуваме за една година да биде завршен – изјави Николоски.
Паралелно со ова, додаде, се работат уште три проекти кои што одат исто така со заем од Светска банка преку Министерството за транспорт. Два се веќе завршени, еден се работи во вкупна вредност се околу 550.000 евра, кога ќе се собере сѐ заедно доаѓа една инвестиција од околу 4 милиони евра коишто се дополнителни средства на оние средства што редовно ги добиваат општините како поддршка.
– Таа поддршка беше 250 милиони евра за минатата година и 100 милиони евра за предходната година. Во рамките на таа поддршка веќе се работи другиот булевар во вредност од некаде околу милион и половина и таму интензивно одат активностите со кога ќе се собере се зборуваме за вредност од 5,5 милиони евра средства кои што се инвестираат само во инфраструктура, што се надеваме дека целосно ќе го промени ликот на градот и на општината и остануваме посветени и во следниот период да работиме заедно со општината – посочи Николоски.
На дневна основа,порача, сме во координација.
– Сакам да се заблагодарам на градоначалникот и лично на премиерот Мицкоски за тоа што на дневна основа Кочани е приоритет и така и ќе остане во следниот период – рече вицепремиерот Николоски.
март 13, 2026

