Connect with us

Вести

Министерот Андоновски на средба со АВМУ и претставници на инфлуенсерите

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски одржа работна средба со директорот и претставници на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и со претставници на инфлуенсерите и креаторите на дигитални содржини, со цел отворање дијалог околу состојбите со регулирањето на работењето во овој сектор, а во врска со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

На средбата, како што се наведува во соопштението, било нагласено дека Министерството внимателно ги следи реакциите и ставовите на дигиталните креатори и дека процесот на креирање политики во оваа област ќе се води преку транспарентни консултации со сите засегнати страни. Целта, додаваат оттаму е да се обезбеди современа и балансирана регулатива која ќе го поддржи развојот на дигиталната економија и креативните индустрии, притоа почитувајќи ја во целост регулативата на ЕУ по ова прашање.

Учесниците се согласиле дека е потребен отворен и инклузивен процес во кој инфлуенсерите, институциите и регулаторот заеднички ќе работат на унапредување на регулативата и создавање јасна правна рамка за дигиталните содржини. Во наредниот период, се додава во соопштението, ќе продолжат консултациите за разгледување на предлозите и забелешките на здруженијата на креатори на содржини и другите заинтересирани страни.

-Министерството за дигитална трансформација останува посветено на создавање дигитален екосистем кој поттикнува иновации, одговорност и доверба во онлајн просторот, се нагласува во соопштението. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 3