Забава
Иг-Нобеловите награди се селат во Цирих
Доделувањето на Иг-Нобеловите награди – сатиричното признание за необични научни достигнувања, коешто е своевидна „пародија“ на Нобеловите награди, првпат оваа година ќе се одржи вон САД, во Цирих, Швајцарија, поради загриженоста на организаторите за политичката состојба преку Атлантикот.
Целта на Иг-Нобеловите награди, според организаторите, е „да ги насмеат луѓето, а потоа да ги натераат да размислуваат“. Признанија се врачуваат во 10 категории, а свеченото доделување, од 1991 година до денес, традиционално се одржува во Бостон, но и на други места. Овогодишниот настан ќе се одржи на 3 септември во Цирих, во соработка со Швајцарскиот федерален институт за технологија „ЕТХ Цирих“ и Универзитетот на Цирих.
Одлуката за преместување е донесена поради загриженост за безбедноста на учесниците и проблеми со добивањето американски визи.
- Во текот на изминатата година, стана небезбедно за нашите гости да ги посетуваат САД. Организаторите не можат да бараат од добитниците на наградите и новинарите да патуваат во САД под такви околности, изјави Марк Ејбрамс, еден од организаторите.
Настанот, според планираното, ќе се одржува во Цирих секоја втора година во иднина, а во преостанатите години би се одржувал во различни европски градови.
Последниве 35 години, добитниците патувале во САД за да ги примат своите одличија, а свеченостите се одржувале на универзитети како што се Харвард, Институтот за технологија во Масачусетс и Универзитетот во Бостон.
Во 2023., тим во којшто учествуваше и македонската докторка Наташа Месинковска, ја освои Иг-Нобеловата наградата за медицина. Тие користеле органи од починати лица за да истражат дали луѓето имаат ист број влакна во двете ноздри.
Меѓу минатогодишните добитници биле истражувачи кои проучувале дали боењето крави со пруги слични како на зебрите може да ги одврати нападите од муви, како и научници кои истражувале каков вид пица претпочитаат да јадат гуштерите. Според организаторите, исто така, лани четири од 10 победници одлучиле да не патуваат во Бостон заради наградата.
март 12, 2026

