Култура
Во Прилепскиот театар се подготвува претставата „Саатот“
Во Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Саатот“ од Лидија Митоска Ѓорѓиевска, во режија на Кристина Димитрова. Претставата е прва од програмата на ансамблот за оваа, 2026 година.
Според режисерката Димитрова, претставата „Саатот“ е интимна трагикомедија со апсурдни и постмодерни драматуршки елементи.
-Двајца актери на сцената ќе ги играат лицата на Вера и Јован, а трет еден актер/музичар ќе го игра персонифицираниот ѕиден часовник. Улогата на часовникот ќе биде да покаже повеќе аспекти од животот на новото време. Репликите се кратки и се напишани на едноставен, разговорен јазик. Ќе се почувствуваат осаменоста, времето, двете души во времето и ќе се обидеме да го слушнеме нивниот ритам. Секако, и темата распад на душата и распад на општеството ќе игра клучна улога во концептот и идејата на самата претстава, вели Димитрова.
Костимите и сценографијата се на Благој Мицевски, Музиката е на Филип Јездиќ и Томе Темелкоски. Во претставата играат: Димитар Ѓеорѓиевски, Наташа Ачански и Филип Јездиќ.
Премиерата ќе биде во почетокот на април.
март 11, 2026

