Вести
Вешто лице сведочеше за неправилности во препишувањето терапија во случајот Онкологија
На денешното рочиште за случајот „Онкологија“, вештото лице Милан Ристевски сведочеше за терапиите и протоколите во Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје. Тој сведочеше дека забележал отстапувања, особено во делот на недоволно документирани податоци за состојбата на пациентите и објаснувања за изборот на терапија.
-Кај најголемиот дел од контролираните преписи на терапија истите беа во рамките на препораките, но кај одреден дел има неправилност во препишувањето, како и многу мал број на опишани, а потребни податоци за состојбата на пациентот во тој момент, рече Ристевски, додавајќи дека забележал отстапувања од препораките, а не од строгите правила.
Вештото лице објасни дека националниот протокол за онкологија е изработен во 2015 година како копија на европските водичи, но во пракса лекарите се водат од годишните промени на ESMO и NCCN.
-Националните протоколи, тоа се водичи, во македонскиот јазик во нашиот жаргон усвоен е повеќе зборот протокол, па кога кажуваме протоколи мислиме на алгоритмите на клинички однесување од страна на NCCN. Македонскиот, единствениот што е изработен е изработен во 2015 година, е копија на ESMO водичите од 2015. Како мала земја нема никаква смисла ние секоја година да се занимаваме со препишување, затоа, во клиничката пракса ги почитуваме промените што настануваат секоја година во водичите на ESMO и NCCN, појасни тој.
Дополни дека до 2016 година се држел до тие протоколи.
-До 2016 година се држев до тие протоколи. Во сегашниот момент и изминатите години, слепото држење до препораки од 2015 година значи дека ние не смееме да се занимаваме со лекување на луѓе. Можеме да бидеме столари итн.,изјави тој.
Ристевски посочи дека новите генерациски лекови, како пембролизумаб и цетуксимаб, почнале да се применуваат од 2018 година наваму, а претходно дел од нив биле достапни само преку интервентен увоз или посебни програми на Министерството за здравство.
Прашан дали лековите алептиниб, атезолизумаб и други биле во препораките од 2015 година, одговори негативно.
-Ниту во тие нашите, ниту во NCCN ниту во ESMO, во таа година поголем дел од нив беа во предрегистрационен период, рече тој.
На прашањето од кога се применуваат овие лекови во нашата држава, го објасни процесот за воведување нови лекови.
-За одреден нов лек да дојде на пазарот во Македонија треба да има фармацевтско претставништво кое или ќе го регистрира или ќе го понуди на т.н. интервентен увоз под услов да одредена здравствена институција направи тендер за таков интервентен увоз. Најдобриот начин и најправилниот за внесување на нов лек е со регистрација на лекот. Здравствените установи можат да го направат тоа или преку набавка или преку тендер, рече тој.
Прашан дали овие лекови и понови генерациски лекови биле достапни во периодот пред 2018 година по процедура, одговори негативно.
-Од оние што вие ги набројавте не, ниту алептиниб наместо него се употребуваше кризотиниб, пембролизумаб, а не атезолизумаб, цетуксимаб беше во 2017 година како посебна програма на Министерството за здравство, а не на позитивна листа, дополни тој.
Најголемиот дел од оваа нова терапија, како што рече, влегува во нашиот систем од 2018 натаму.
Како тогаш се препишува таа терапија кога имаме протоколи од 2015 година, праша обвинителката.
-Ќе ми простите за метафората, не сакам да ги навредам сточарите меѓутоа мислам дека бев прилично јасен во одговорот, одговори тој.
Во сведочењето тој наведе и конкретни неправилности во препишувањето на бевацизумаб кај 12 пациенти, од страна на неколку лекари, меѓу кои и обвинетите Нино Васев и Мери Пешевска.
На прашањата за одделите за рак на дојка на Клиниката за радиотерапија и онкологија, тој посочи дека постојат два оддела – на д-р Нино Васев и на д-р Смичковска – како што рече со значителни разлики во обемот на работа и во квалитетот на медицинската документација.
-Одделот на д-р Васев има скоро три пати поголем обем на прегледани пациенти отсекогаш. Тоа го става под многу поголем притисок и од пациенти и од роднини кои чекаат во ходници, што, за жал, се одразува и на самата работа, рече Ристевски, додавајќи дека извештаите од овој оддел биле „попрлично сиромашни со информации“ бидејќи Васев секојдневно прегледувал во просек по 50 пациенти.
Од друга страна, според него, документацијата на одделот на д-р Смичковска била „методолошки многу подобро опишана“, со валидни податоци за текот на болеста и лекувањето, бидејќи таму ретко се прегледувале повеќе од 20 пациенти дневно.
-Расположливоста на времето што може да се посвети на пациент си го прави своето, нагласи вештото лице.
Ристевски истакна дека големиот притисок не смее да биде оправдување за неправилности во терапијата, додавајќи дека при споредбата на одделите забележал отстапувања, особено околу примената на лекот пертузумаб кај хер-позитивни пациенти во ран стадиум.
-Споредувајќи ја работата на одделите, особено околу примената на лекот пертузумаб, во подгрупата на хер позитивни пациенти во ран стадиум, кај д-р Смичковска има дури и пациенти кај кои што искрено никогаш не бил дал пертузумаб во тој стадиум кај тие пациенти. Додека, кај д-р Васев има пациенти на кои што требало да се даде а не се дало, рече тој.
Во врска со пациентите болни од рак на бели дробови, Ристевски информираше дека во периодот 2018–2022 година имало 536 пациенти, од кои прегледал околу 480 истории, а за 50 воопшто не биле пронајдени медицински досиеја.
На денешното рочиште и одбраната постави прашања до вештото лице Милан Ристевски околу неговата улога и констатациите за примената на терапијата.
Адвокатот Вељо Кадиев го потсети дека како вештак е должен да изнесува факти врз основа на доказите, а не сомневања.
-Свесни сте дека како вешто лице вашата улога не е да изведувате сомненија, туку да изнесете факти за кои сте сигурни, рече Кадиев.
Ристевски одговори: „Да, со тоа што јас фактички утврдувам препис на терапија. Јас не сум сведок на апликацијата и подготовката на терапијата“.
На прашање од обвинетиот Никола Васев за дозирањето на лекот авастин, Ристевски беше дециден, односно прашан дали се сложува дека не постои доктор кој би ја дал таа доза од 1600мг авастин одеднаш, одговори „Апсолутно да. Инаку тој што ќе го направи тоа, не е лекар, туку убиец“.
Прашан, во врска тоа тоа дека во 2011 година лекот авастин се наоѓал во препораките особено во локално напреднатиот метастатски неоперабилен рак на дојка во три од четирите поттипа и кај луминал а, кај лумкнал б и кај тројнонегативниот и тоа даден не само како прва линија со хемотерапија кај неоперабилните случаи туку и во подоцнежните линии на лекувања, а потоа во 2011 излегол нов став единствената индикација за рак на дојка што останува на сила со ниво на доказ 3 цитирано на NCCN дека авастин може да биде даден исклучиво како прва линија метастатски тројно негативен рак на дојка заедно со таксани, одговори дека ниту еден од 12 случаи што ги посочил не потпаѓаат во таа група.
– Ниту еден од о од 12 случаи што ги имам посочено како неправилно давање на таа терапија бевацизумаб не потпаѓаат во таа група на тројнонегативен метастатски рак на дојка во прва линија даден со таксани, рече тој.
Прашан дали ќе се согласи дека препораките на ESMO никогаш не го исклучиле бевацизумаб третман на метастатски рак на дојка и дека во 2025 година алгоритмот во препораката на ESMO за користење на бевацизумаб во метастатски рак на дојка ги вклучува сите пациенти што се хер негативни, со независност од нивните рецептори дали се позитивни или негативни и нивото на доказ не е 3 Ц, туку 1 Ц, одговори дека му е позната таа промена.
-Знам дека ESMO направи промена во 2025 година, која NCCN не ја ажурираше со тоа што и оцената како јачина на доказ е многу слична ама не и иста помеѓу едните и другите, рече тој.
Прашан дали се согласува дека лекот кај тие 12 пациенти не е даден спротивно на препораките на Европската медицинска агенција, одговори „мојот исказ е за индикации кај 12 пациенти кои не се само пациенти со рак на дојка“.
Сослушувањето на ова вешто лице ќе продолжи на 18 март.
Случајот „Онкологија“ се води против поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, и уште тројца онколози, обвинети за несовесно лекување на пациенти. Постапката започна и против Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна затвор од две години. Обвинението ги товари лекарите за тешки дела против здравјето на луѓето, со неправилно применети терапии кај 29 пациенти.
март 11, 2026

