Свет
Шпанија ќе помилува 53 жени затворени за време на режимот на Франциско Франко
Шпанската влада следната недела формално ќе помилува 53 жени кои за време на диктатурата на генералот Франциско Франко биле затворени од страна на Одборот за заштита на жените, институција со која раководела сопругата на Франко, Кармен Поло, соопшти Министерство за територијална политика и демократско сеќавање.
Одборот за време на режимот на Франко ги казнувал жените кои се сметале за „морално девијантни“, вклучително и сомнежи за хомосексуалност, сексуална активност или „преголема наклонетост кон улицата“, пренесе Гардијан.
Првично основан во 1902 година со цел сузбивање на сексуалната работа, одборот од 1941 година го прошири својот надзор и на „општествено и идеолошки непожелно однесување на жените“, а бил затворен во 1985 година, десет години по смртта на Франко.
Ресорното министерство наведува дека сите казни изречени на тие жени се „ништовни, бидејќи се резултат на репресија и насилство од политички, идеолошки и родови мотиви“.
Досега се истражени повеќе од 1.600 случаи на жени кои поминале низ институциите на одборот. Историчарите оценуваат дека одборот имал широка општествена поддршка и дека граѓаните, пријавувајќи ги жените кај властите, често биле соучесници во репресијата. Минатата година, верските организации поврзани со одборот им се извинија на жртвите, додека преживеаните бараат „вистина, правда и репарации“ наместо помилување.
март 11, 2026

