Вести
Лорковски: Македонија има напредок, но престои уште работа за усогласување со законодавството на Енергетската заедница
Македонија ја има завршено половина од работата во однос на степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница. Има напредок во одредени делови, но претстои уште работа, покажува извештајот за 2025 година на Енергетската заедница што денеска го презентираше директорот на Енергетската заедница Артур Лорковски пред пратениците во македонското Собрание.
– Македонија се наоѓа на средина. Заслужувате повеќе. Од една страна половина од работата е завршена, но претстои уште една половина. Ова е повик за мобилизација и повеќе работа во 2026 година. Лично јас и Енергетската заедница ќе бидеме среќни да ве поддржиме во овој поглед, рече Лорковски пред пратениците.
Во однос на пазарната интеграција, Локровски рече дека транспонирањето мора да заврши. Законот е усвоен од страна на Собранието, но претстои имплементација за која се задолжени Владата и регулаторните тела.
– Собранието ја заврши својата работа, сега останува Владата и регулаторните тела да ја завршат работата особено заради транспорнирање на мрежните кодеси. Се надеваме дека Македонија, после Србија и Црна Гора, ќе започне со процесот на верификација којшто треба да резултира со ставање зелено светло на вашиот пазар кон пазарно спојување со пазарот на Европската унија, рече Лорковски.
Во делот на цените на електричната енергија и природниот гас, Лорковски рече дека се бележи силна конвергенција со пазарот на електрична енергија во Грција и има намалување на цените, но дека тоа треба да се случи и со природниот гас, односно земјава да работи на подобро интегрирање со останатите пазари што би значело пониски цени и подобра сигурност.
– Намалувањето на цените на природниот гас не е толку значително како кај струјата, но со отварањето на новите интерконектори со Грција очекуваме дека тоа ќе се случи во иднина, рече Лорковски.
Според Лорковски, законодавството за снабдување со електрична енергија треба да биде транспонирано што е можно побрзо, а напредок има и во делот на стоковите резерви, но дека треба да се работи на постигнување на законската обврска.
Во однос на декарбонизацијата, како што посочи, има нагорни и надолни случувања. Една од работите на кои земјава ќе треба да работи е носењето на долгорочна Стратегија.
– Има позитивни моменти коишто се постгинати, но има и елементи кои ќе треба да бидат подобрени. Долгорочната стратегија се уште не е усвоена и на тоа треба да работиме во следните месеци и години. Ситуацијата со обновливите извори е мешана. Цената на јаглеродот и декарбонизацијата сеуште треба да се испорачат. Ова ќе биде неопходно за приклучувањето на Македонија во Европската унија, рече Лорковски.
Земјава не бележи напредок во делот на мониторингот на емисии на јаглероден диоксид, а нема усогласеност ниту во делот на законодавството за животна средина.
– Нема напредок во мониторингот. Македонија воспостави механизам за емисии од јаглероден диоксид, но на ова ќе мора да се фоскусираме во престојниот период и се надеваме дека ќе постигнеме напредок. Законодавството за животна средина сеуште треба да биде усоглсени со она од ЕУ и се надеваме дека тоа ќе се случи, рече Лорковски.
Пораката од Лорковски е властите во земјавата да не носат одлучи кои ќе ја попречат финансисата независност на регулаторните тела.
март 11, 2026

