Општини
Законот за работно ангажирање лица претставен пред прилепските работодавачи
Законот за работно ангажирање лица е многу лесно достапен за имплементација на сите работодавачи и за сите оние, кои, на некој начин работеле на црно, да бидат ангажирани според законските прописи, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд при денешното претставување на Законот пред работодавците од земјоделството, угостителскиот сектор и од услужните дејности во Прилеп.

– Главна цел на овој закон е сузбивање на сивата економија. Очекуваме преку вакви информативни состаноци што повеќе луѓе, посебно млади, студенти, меѓутоа и пензионери, невработени, социјални случаи, сите кои се работоспособни, да ги користат бенефитите на овој закон, бидејќи е направен за нив – рече Ристески.
Од домот, од нивата или од кафулето може веднаш да стигне електронската пријава за работен ангажман на млади, студенти, пензионери, невработени, социјални случаи, а пријавените нема да ги загубат бенефитите што беше најголем страв за нивно пријавување.

– Сите други закони се усогласија со овој Закон за да можеме да почнеме со имплементација. Особено сме среќни дека ова е модерно решение кое овозможува електронска пријава и одјава со надградба на системите на е-работа на Агенцијата за вработување и со надградба на системот на Е- даночни услуги на УЈП. Пријавата на работниците може да се случи многу лесно од вашиот дом, од вашата нива, од вашето кафуле. Можете работниците да ги пријавите на час и на денови. Се плаќа само одредена сума на паушал која може да овозможи минимална заштита и социјално осигурување како и повреда на рабта на работно место. Во исто време, обезбедува заштита за работникот и ја легализира работата која досега беше неформална. Многу е битно што сите кои се корисници на некакви права, да не се плашат дека може да ги загубат – објаснува Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики.
Според заменик министерот за економија и труд Ристески за Законот за работно ангажирање лица што е во сила од почетокот на годинава има апликација и сега се чека на заинтересираните апликанти.
-Има голем интерес, меѓутоа сѐ уште не е употребен системот за аплицирање и затоа, преку вакви состаноци сакаме да ги повикаме сите работодавачи во областа на угостителството, земјоделството и услуги во домаќинството да го користат, бидејќи потоа ќе следуваат контроли од Државниот трудов инспекторат. Целта на овој закон е, повторувам, сузбивање на сивата економија, вели Ристески.

Според проценките, со Законот за работно ангажирање лица ќе бидат опфатени повеќе од 20 000 луѓе во земјава.
Средбата со работодавачите од Прилепскиот регион е втора во кампањата „Фер ангажман“
март 10, 2026

