Вести
Сиљановска-Давкова од Треблинка: Нема да дозволиме да се избрише болната меморија за Холокаустот и за нашите македонски Евреи
Во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на комеморацијата на Холокаустот на македонските Евреи.
Таа оддаде почит кон жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистичкиот окупатор во логорот на смртта „Треблинка“ во 1943 година.
Во изјава за медиумите порача дека застанати пред амбисот на злото, нема да дозволиме историски ревизионизам и фалсификување на вистината за Холокаустот на македонските Евреи.
Укажувајќи дека државна и човечка должност е да сме тука во пресрет на утрешниот ден на сеќавањето на холокаустот на македонските Евреи, таа рече дека за нас трагедијата е поголема и поболна, бидејќи антисемитизмот никогаш не бил македонска одлика.
Според Сиљановска-Давкова, фактот што македонските Евреи кои ја избегнале депортацијата, веднаш се вклучиле во народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ, е доказ за нашиот соживот.
За тоа, според неа, сведочат малкуте Евреи кои ја избегнале депортацијата и нивните наследници, како и присутните роднини на преживеаните, кои гордо ја претставуваат малубројната, но за нас исклучително важна македонска Еврејска заедница.
На комеморацијата директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикарио порача дека денешниот настан е силна порака дека се сеќаваме и мора да се сеќаваме на вистината и на она што Македонија го изгуби.
Според пратеничката Рашела Мизрахи, жртвите не се само бројки, туку семејства, идентитет и приказни со коишто се поистоветуваат сите македонски Евреи.
Мајкл Баренбаум, креатор на постојаната изложбена поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, истакна дека кога доаѓаме на ова место не треба да се осврнеме само на минатото, туку и да се потсетиме на одговорноста што ја имаме за никогаш да не се повтори вакво зло.
Претседателката положи цвеќе и пред централниот споменик во Треблинка, ја разгледа музејската поставка и оствари средба со директорот на Меморијалниот и музејски комплекс, Едвард Куповка. Таа го поздрави поставувањето на новиот ѕид на којшто ќе бидат напишани сите познати имиња на убиените Евреи во Треблинка, вклучително и имињата на македонските Евреи.Во Варшава, претседателката положи венец пред споменикот посветен на жртвите на Варшавското гето.
Сиљановска-Давкова е прв македонски Претседател што го посетил Меморијалниот комплекс „Треблинка
март 10, 2026

