Култура
Прва проба на претставата „Мачкина глава“ во Драмски театар
Во Драмски театар Скопје денеска се одржа првата проба на претставата „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски.
„Мачкина глава“ е драмски текст на проф. д-р Венко Андоновски, македонскиот романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата. Тој е автор на 35 книги од најразлични жанрови, а неговите драмски текстови по кои се работени претстави се играат пред преполни салони. Освен десетиците книжевни домашни и меѓународни награди, добитник е и на наградата на ЕУРОДРАМ ̶ за најдобри драми во Европа.
– Знам дека можете сѐ. Како автор, тука сум со вас и ќе бидам дел од процесот – рече Андоновски во обраќањето кон актерите.
Навраќајќи се на драмскиот текст за кој смета дека е податлив за работа, појасни дека станува збор за текст кој се движи по опасната линија да западне во политизација на релација Исток ̶ Запад, а ние сме како тампон-зона која треба да се определи, а изборот не е нешто голем.
Директорот на Драмски тратар Скопје Роберт Вељановски на првата проба изрази задоволство што, актерите на Драмски, одбрани во оваа поделба, предводени токму од двоецот Пројковски – Андоновски, ќе ја имаат честа премиерата на претставата „Мачкина глава“ да ја играат на 21 април, денот на централната прослава за 80-годишнината на Драмски театар.
– Режисерот Дејан Пројковски и авторот Венко Андоновски, кои имаат работено, сериозни продукции зад себе, токму во Драмскиот театар ја изразија големата доверба кон актерите и уметничкиот тим со кој ќе ја работат претставата, соопшти Драмски театар Скопје.
Режисерот Пројковски кажа дека текстот е интересен и податлив за работа: „Тој нуди одлична матрица за градење на ликовите во претставата“. Режисерот очекува одлична претстава која ќе биде резултат на нивните средби, размена на енергии и светогледи. „Форматот на текстот има широчина во светската и домашната политика и промовира вредности.“
Во уметничкиот дел од тимот што ја подготвува премиерата на претставата „Мачкина глава“, режисерот ќе соработува со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, а музиката во претставата е на Горан Трајкоски. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.
Ликовите во претставата „Мачкина глава“ и актерска екипа се: Спиридон – Рубенс Муратовски, Марија – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан – Филип Трајковиќ, Симон – Александар Степанулески, Сара – Сара Климоска, Џорџ – Игор Ангелов, Мериен – Сања Арсовска, Штерјо – Златко Митрески и Панзо – Предраг Павловски.
Премиерата на претставата „Мачкина глава“ е втора претстава од Годишната програма за работа на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година.
март 10, 2026

