Connect with us

Регион

Мицотакис: Дојде време да истражиме дали нуклеарната енергија може да има улога и во Грција

Дојдов денеска во Париз за да соопштам дека Грција врти нова страница, дојде време да истражиме дали нуклеарната енергија, поконкретно малите модуларни реактори, можат да имаат улога во грчкиот енергетски систем, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, говорејќи на вториот самит за нуклеарна енергија во Париз, јави дописничката на МИА од Атина.

Објасни дека ќе се формира министерска комисија на високо ниво која ќе подготви конкретни предлози до Владата, но и дека ова е позиција што произлегува од здравиот разум.- Нуклеарната енергија брзо се менува. Постои брз технолошки напредок, огромна иновација. И знаеме дека нашата потреба за електрична енергија континуирано ќе се зголемува. Без разлика колку ќе ги прошириме обновливата енергија, ќе ни биде потребна долгорочна стабилна базна енергија. Ниту една технологија не може да се натпреварува со она што ни го нуди нуклеарната енергија. Знаеме дека нуклеарната енергија има предизвици. Јавното мислење во Грција, како и во многу други земји, е поделено. Но верувам дека треба да водиме искрен и разумен дијалог без идеолошки предрасуди, нагласи Мицотакис.

Во неговиот говор на самитот потсети дека Грција нема нуклеарна енергија, иако оваа можност била разгледувана во 60-тите и 70-тите години, но никогаш не бил направен чекор кон развој, бидејќи „трошоците секогаш беа малку повисоки, а исто така имавме пристап до многу евтин лигнит, па затоа не беше донесена таква одлука“.

– Драги пријатели, ова е важен ден за Грција. Пишуваме ново поглавје. Ве молам, сметајте ја Грција за „пријател“ на нуклеарната енергија. Дали нуклеарната енергија ќе има улога во нашата земја, останува да видиме. Но, во време на големи геополитички турбуленции, сите опции мора да бидат на маса. Наша должност е повторно да ја направиме нуклеарната енергија дел од решението, порача Мицотакис

Маркетинг
Ad 3
Ad 1