Вести
Мицкоски за црниот печат на адвокатот Менкиноски: Тоа е лоша порака и директно влијае врз имиџот на самата Европска Унија
Премиерот Христијан Мицкоски јавно го осуди случајот со адвокатот Тони Менкиноски, на кого граничната полиција му изрече забрана за влез во Бугарија до 2036 година, оценувајќи дека станува збор за „лоша порака“ што директно влијае врз имиџот на Европската Унија доколку не следува јасна осуда.
Одговарајќи на новинарски прашања по увидот во изградбата на пречистителната станица во Кучевишка Бара, Мицкоски изјави дека телефонски разговарал со Менкиноски и дека е детално запознаен со настанот.
„Јавно го осудувам тоа што се случува. Ова е лоша порака, и за самата Европска Унија. Очекувам дел од земјите членки на ЕУ да го осудат ваквото однесување на нашиот источен сосед. Не би било првпат нашиот источен сосед да ги крши човековите права, особено ако се има предвид дека неколкупати досега не ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека не станува збор за лице кое е осудено за криминал, туку за, како што рече, „чесен граѓанин чиј единствен ‘грев’ е што ги застапува правата на Македонците од другата страна на границата пред Европскиот суд за човекови права“.
„Тоа е единствениот ‘грев’ поради кој добива ваква мерка. Сметам дека ова е бескрупулозен чин што заслужува целосна осуда. Доколку Европската Унија не реагира, тоа директно ќе се одрази врз нејзиниот кредибилитет“, додаде Мицкоски.
Адвокатот Тони Менкиноски вчера соопшти дека за случајот ги информирал Собранието, Владата и Министерството за надворешни работи, повикувајќи ги да преземат чекори согласно нивните надлежности. Според него, ваква мерка кон адвокат е преседан, оценувајќи дека нешто слично „не се случило ниту во Нирнбершките процеси“.
Менкиноски, кој ги застапува македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, смета дека идните политики треба да бидат насочени кон демократизација и почитување на правата на македонското малцинство.
Тој посочи дека постојат повеќе механизми за оспорување на одлуката, вклучително и пред Советот на Европа и Обединетите нации, а за случајот се информирани и организациите „Хјуман рајтс воч“ и „Амнести интернешнл“. Менкиноски очекува и реакција од Обединетите нации.
март 10, 2026

