Connect with us

Вести

Мицкоски: Денес ќе донесеме одлука за нов државен јавен обвинител

Владата денеска на седница ќе донесе одлука за нов државен јавен обвинител, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

-За кратко денеска ќе имаме владина седница, и на таа владина седница јавноста ќе знае кое ќе биде името на идниот јавен обвинител или обвинителка, така што ќе биде доставено до Парламентот, изјави Мицкоски по увидот во изградбата на пречистителната станица во населеното место Кучевишка Бара, Општина Чучер Сандево.

Петмина кандидати се пријавија на огласот на Собранието за јавен обвинител – сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.

Советот на јавните обвинители на 17-ти минатиот месец даде позитивно мислење за четворица од петте кандидати за државен јавен обвинител – за в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ, додека пак, за кандидатурата на Владимир Панчевски едногласно одлучи дека тој не ги исполнува условите предвидени со законот во однос на работниот стаж.

Премиерот Мицкоски во интервју за ТВ „Канал 5“ од 25 февруари рече дека од четирите кандидати за државан јавен обвинител за кои Советот на јавните обвинители даде позитивни мислење, на владината листа се три имиња, а меѓу нив не е и бившата обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска.

Инаку, на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.

Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2