Connect with us

Скопје

Ѓорче Петров прва општина со обука за претприемништво за наставници од основните училишта

Општина Ѓорче Петров започна со реализација на дводневна обука за претприемништво, наменета за наставници од сите основни училишта на територијата на општината, со што, како што информираат, се прави значаен чекор кон унапредување на образовниот процес и развој на современи вештини кај учениците.

Наставниците, преку обуката, се стекнуваат со знаења и практични алатки од областа на претприемништвото, финансиската писменост, циркуларната економија, дигитализацијата, користењето компјутери, екологијата и други современи теми кои се важни за развојот на младите генерации.

Обуката се реализира во рамки на соработката со здружението „Џуниор Ачивмент Македонија“. Со ова, како што информираат од Општина Ѓорче Петров, таа станува првата локална самоуправа во која програмата започнува да се спроведува и во основните училишта, што претставува значаен чекор напред кон модерно, практично и квалитетно образование. 

На овој начин, општината активно придонесува кон развој на претприемничкиот дух кај учениците уште од најрана возраст, поттикнувајќи ги да размислуваат креативно, да развиваат иновативни идеи и да се подготвуваат за успешни идни кариери. 

По завршувањето на обуката, предвидено е организирање на голем натпревар во кој ќе учествуваат ученици од основните училишта од Општина Ѓорче Петров, каде ќе имаат можност да ги претстават своите идеи и проекти од областа на претприемништвото.

Соработката е воспоставена врз основа на Меморандум за соработка, претходно потпишан помеѓу Општина Ѓорче Петров и „Џуниор Ачивмент Македонија“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3