Свет
Британските пратеници гласаа против забрана на социјалните мрежи за лица под 16 години
Забраната за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години е одбиена од пратениците во Парламентот на Обединетото Кралство.
Пратениците гласаа 307 наспроти 173, против предложената измена на Законот за благосостојба на децата и училиштата.
Предлог-законот за старосна граница претходно годинава беше поддржан во Горниот дом на собранието, по зголемените повици од активисти, меѓу кои и познатиот глумец Хју Грант. Поддржувачите на забраната, по примерот на австралискиот модел, тврдеа дека родителите се ставени во „невозможна положба“ поради штетните содржини на коишто се изложени нивните деца на интернет. Предлогот го поднесе поранешниот конзервативен министер Џон Неш.
Многумина, од друга страна, предупредија дека ваква забрана може да ги турне тинејџерите кон нерегулирани делови од интернетот.
Сепак, можна е некаква идна забрана, откако Долниот дом ја поддржа владината иницијатива, со којашто на државниот секретар му се даваат дополнителни овластувања.
Неш ја оцени одлуката на Парламентот како „длабоко разочарувачка“ и најави дека ќе се обиде повторно да го врати амандманот на гласање. Во меѓувреме, Владата почна консултации за можни нови мерки, вклучувајќи минимална возраст за користење социјални мрежи и исклучување функции што создаваат зависност, како автоматското пуштање содржини.
Предлог-законот сега повторно ќе се разгледува во Горниот дом и ќе стане закон само ако конечната верзија биде усвоена од двата дома на британскиот Парламент.
март 10, 2026

