Connect with us

Свет

Зелените победија на регионалните избори во Баден-Виртемберг

Германската партија Зелени победи на регионалните избори во југозападната покраина Баден-Виртемберг, пред конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц, покажуваат прелиминарните резултати од гласањето, јави ДПА.

Зелените освоија 30,2 проценти од гласовите и имаат мала предност пред ЦДУ, која доби 29,7 проценти, според податоците објавени на веб-страницата на покраинската статистичка служба по пребројувањето на гласовите во сите изборни окрузи.

Во првите од петте регионални избори во Германија годинава, десноцентристичката партија на Мерц претрпе тежок пораз, по силното враќање на Зелените во последните недели.

Зелените во моментов ја предводат коалицијата со ЦДУ во покраинскиот парламент во Штутгарт, а се очекува двете партии повторно да формираат влада.

Водечкиот кандидат на Зелените, Џем Оздемир, се очекува да стане првиот премиер на германска покраина со турско потекло.

Според прелиминарните резултати, крајнодесничарската Алтернатива за Германија е трета со 18,8 проценти – најдобар резултат за партијата во западна германска покраина, но под нејзината цел од 20 проценти.

Социјалдемократите (СПД) се четврти со 5,5 проценти од гласовите, што претставува нивни најслаб резултат на покраински избори.

Излезноста беше висока – 69,6 проценти. Ова се први избори во Баден-Виртемберг по намалувањето на старосната граница за гласање на 16 години.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1