Connect with us

Регион

Рама најави преродба на железничката инфраструктура во Албанија

Албанскиот премиер, Еди Рама, кој е и лидер на Социјалистичката партија, денеска за време на состанокот со пратеничката група на партијата, изјави дека владата има јасен и конкретен план за преродба на железничката инфраструктура во Албанија, преку нејзина електрификација според стандардите на Европската унија и нејзино интегрирање во европските мрежи.

-Постои конкретен план за изградба на илјадници километри железница низ цела Албанија, поврзувајќи нè со соседните земји, преку електрифициран систем. Немаме само цел, туку конкретен план за изградба на околу 3.500 километри електрифицирана железница, рече тој.

Според премиерот, во последните шест години се развиени конкретни проекти за изградба на 500 километри железница, почнувајќи со првата електрична линија во земјата. Железницата Драч-Тирана, која моментално е во изградба, ќе има 12 станици и се очекува да почне со работа на почетокот на следната година.

-Проектот Вора (кај Тирана) – Хан Хоти (премин на албанско – црногорската граница), кој ја поврзува Албанија со Црна Гора, моментално е во фаза на набавка и се предвидува да започне следната година, а да биде завршен до 2030 година. Дел од Коридорот VIII, линијата Драч-Рогожина, ќе започне со изградба кон крајот на оваа година и се очекува да биде завршен во 2028 година, додека проектот Рогожина – Поградец е во фаза на проектирање, нагласи Рама.

Додаде дека во соработка со владата на Косово, завршена е физибилити студијата и прелиминарниот проект за „националната железница, со должина од 105 километри, вклучувајќи 14 тунели и 43 мостови“.

Во меѓувреме, се испитуваат можностите за изградба на две нови железнички линии од приморскиот град Валона до аеродромот во истиот град и Сукти-Порто Романо, а планирана е и изградба на линијата Драч-Валона.

Рама посочи дека за првпат во овие шест години, владата има детален и изводлив план за враќање на албанската железница на патот на модернизација и интеграција во европските мрежи, гарантирајќи високи технички и функционални стандарди.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3