Connect with us

Култура

Програма на МНТ во 2026: Премиери, копродукции, гостувања и поддршка на младите автори и на независната сцена

Премиери, меѓународни гостувања, копродукции и активности за поддршка на младите автори и независната сцена се во годишната програма на  Македонскиот народен театар за 2026 година, во која  МНТ има поголем буџет за 56,8 отсто во однос на минатогодишниот. 

Како што соопшти директорот на МНТ Никола Кимовски денеска на прес-конференција, веќе се почнати пробите за премиерата на претставата „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец, во режија на белградска режисерка Татјана Мандиќ Ригонат. На сцената на МНТ ќе бидат поставени и: „Три сестри“ од Чехов, во адаптација на Ана Ристоска и во режија на Нела Витошевиќ; „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, во копродукција со „Сектор филм“; и „Козата или која е Силвија?“ по мотиви од Едвард Олби, во адаптација и режија на Шенај Мандак.

-Во новата сезона МНТ влегува со силна, интензивна и внимателно курирана програма, со премиери што отвораат актуелни општествени прашања, нови копродукциски соработки и гостувања кои го позиционираат МНТ како активен регионален и европски културен чинител. Создаваме репертоар кој комуницира со времето во кое живееме, а истовремено самоуверено ја носи традицијата напред. Особено важно за нас е што отвораме простор за младите актери, новите режисерски имиња и независните продукции, затоа што МНТ треба да биде платформа и поддршка за новата генерација автори, истакна Кимовски.

Во рамки на меѓународната програма, ансамблот на МНТ ќе гостува на повеќе сцени и фестивали во регионот. Претставите „Мој термин“ во режија на Синиша Евтимов и „Варвари“ во режија на Владимир Милчин ќе бидат изведени на сцената на Словенечкото народно гледалиште во Марибор. Со претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, МНТ ќе гостува во Дубровник. Претставата „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов, пак, ќе биде дел од програмата на Меѓународниот театарски фестивал „Црно море“ во Варна. Претставата „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин во април ќе биде изведена на фестивалот „5-ре“(Петре) во Велес.

Откако лани со проектот „Колку е блиску сонцето“ МНТ одбележа 80 години постоење, 81-годишнина годинава ќе ја чествува со роденденска програма со гостински претстави: на 30 март е стендап-шоуто „Шоубиз“ на Никола Ѓуричко; на 1 април  на сцената на МНТ ќе гостува Словенечкото народно гледалишче Марибор со претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски; на 3 април СНГ Марибор ќе ја изведе монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“, инспирирана од романот „Маријиниот завет“, како омаж за режисерот Томаж Пандур. Роденденската програма ќе биде заокружена на 4 април со претставата „Другата страна“, продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.

Кимовски соопшти дека во текот на годината МНТ ќе реализира и повеќе копродукциски проекти со домашни и со меѓународни партнери. На 17 март на малата сцена претстои премиерата „Син понеделник“, во режија на Борјан Стојков, копродукција меѓу „Перипетија продукција“ и МНТ. На 27 март, на Светскиот ден на театарот, премиерно ќе биде изведена танцовата претстава „Диво месо“ од Горан Стефановски, во режија на Борче Начев. Премиера ќе има и авторскиот проект „Силно светнал ден – Стихови што заслужуваат музика“ на Игор Џамбазов, во режија на Синиша Евтимов, со учество на „Гуру Харе бенд“. Во подготовка е и монодрамата „Бивир Бивир (Да се живее – да се преживее)“, во која игра Снежана Коневски Руси, која е и автор на текстот и корежисер заедно со Борче Начев.

Во режија на Моника Ставревска ќе биде поставена претставата „Касапски кучиња“, по адаптација на текстот и истоимениот филм на Квентин Тарантино, со учество на млади актери. Финскиот режисер Јари Јутинен во МНТ ќе ја постави претставата „Западен експрес“ од романскиот автор Матеи Вишњек, копродукција меѓу МНТ и МИ Филм. Во подготовка е и монодрамата „Внатре“ по текст на Александар Русјаков и Благица Секуловска, во која игра Арна Шијак, со музика на Горан Трајкоски. Куриозитет е што музиката од претставата ќе биде издадена на винилна плоча, како дел од новата иницијатива на МНТ за издавање авторска театарска музика.

Кимовски соопшти дека во фокусот на годишната програма е и малата сцена на МНТ, која ќе биде дополнително отворена за независната театарска продукција и за новите автори. Идејата на концептот е да создаде динамичен и патувачки театарски репертоар, преку кој дел од новите претстави ќе гостуваат во повеќе градови низ Македонија. Овој новитет е инспириран од делото и духот на доајенот на македонското глумиште – Петре Прличко. 

Задолжен за разработувањето на малата сцена на МНТ и на проектот патувачки театар е режисерот Бојан Трифуновски, кој на прес-конференцијата истакна дека  „МНТ реши односот кон младите недипломирани и штотуку дипломирани од сите академии  да не биде екс катедра туку ќе ги отвори вратите за најхрабрите и најупорните да се покажат во најдобро светло“. 

-Сакаме на сите да им дадеме шанса, рамноправно, и малата сцена на МНТ да биде инкубатор на  идеи од каде што може да правиме убава симбиоза на заеднички енергии, без разлика на возраста и од тоа да направиме проект од кој би биле горди и би ја прошетале целата држава. Таа претстава би била видена од што повеќе луѓе кои ќе ја гледаат дома и нема да мора да доаѓаат тука, рече Трифуновски.  Прва претстава со која ќе го почнат овој проект  е драматизација на романот  „Музеј на невиноста“ од Орхан Памук. 

Летната сцена „Славиша Кајевски“ на МНТ ќе биде отворена на 18 јуни со концерт на Драган Спасов-Дац и Александар Митевски. На 19 јуни ќе настапи Бени Шаќири – Нонстоп, на 20 јуни – диџеј Никифор, а на 21 јуни програмата ќе биде затворена со настап на Гоце Саф.

Гунтер Кубе, технички раководител во МНТ, на прес-конференцијата соопшти дека годинава МНТ има драстично зголемен буџет за решавање на долгогодишните проблеми на објектот, така што ќе се работи на северната и на јужната тераса, од чие прокиснување се оштетени двете фоајеа, кои исто така ќе бидат санирани. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 4