Скопје
Голема акција за уредување на зелените површини во Општина Аеродром
Општина Аеродром во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“, денеска започна голема заедничка акција за уредување и разубавување на парковите и булеварското зеленило на територијата на Општина Аеродром.
Како што информира денеска Општина Аеродром, градоначалникот Дејан Митески и в. д. директорот на претпријатието Муамер Сефери извршиле увид на теренот, каде што екипите со соодветна механизација работат на повеќе локации.
-Се врши машинско косење на тревните површини, собирање откос и лисја, кроење и уредување на вегетацијата, обликување на дрворедите покрај велосипедските патеки, како и одржување на чистотата и отстранување на собраната зелена маса. Овие активности се од особено значење за Општина Аеродром, бидејќи уреденото и одржувано зеленило директно придонесува за поквалитетна животна средина, повеќе простор за рекреација и подобри услови за секојдневниот живот на граѓаните, информираат од Општината.
Општина Аеродром, како што најавуваат оттаму, ќе продолжи со вакви акции и во наредниот период.
март 9, 2026

