Connect with us

Вести

Пристигна авионот од Дубаи со првата група евакуирани македонски државјани

На Меѓународен аеродром Скопје попладнево пристигна авионот од Дубаи со првата група евакуирани македонски државјани од регионот на Блискиот Исток. Патниците ги пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Со овој организиран лет од Обединетите Арапски Емирати официјално започна процесот на евакуација на македонските државјани од повеќе земји во регионот. Евакуацијата, како што информираа од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, ќе се реализира со комерцијални чартер-летови.

Од Министерството соопштија дека согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност да се вратат во земјата. Процесот се координира од Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва во регионот.

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека се организирани и чартер-летови од Саудиска Арабија, кои ќе ги преземат македонските граѓани во Катар и Кувајт, а нивното пристигнување во Скопје се очекува во среда.

 – Деновиве се организирани вкупно четири чартер летови, со неколку десетици слободни места. Дел од државите во регионот замолија да пренесеме и нивни граѓани, да ги донесеме во Македонија –  изјави Мицкоски.

Според последните информации, Амбасада на Македонија во Доха ја контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Во Абу Даби, пак, дипломатското претставништво било контактирано од 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и од 36 лица во Кувајт, 15 во Бахреин и пет во Саудиска Арабија.

Од Министерството уште еднаш апелираат до сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го направат во најкраток можен рок преку дежурните телефонски линии или преку СОС-бројот на Министерството.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4