Економија
Ова е момент кога мора да направиме разлика со опозицијата, работиме на 17 инвестиции и нови 5.000 работни места, вели Мицкоски
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека неговата борба е подобар живот и животен стандард на македонските граѓани и притоа истакна дека се работи на 17 инвестиции во вредност од 650 илјади евра, кои треба да креаираат нови 5.000 работни места. Ова, вели е разликата меѓу власта и опозцијата.
– Инвестициите коишто или се почнати, или се реализираат или се во фаза на договарање на државна помош, а се дел од портфолиото на ТИР Зони изнесуваат околу 650 милиони евра, тоа се 17 инвестиции коишто треба да креираат до 5.000 нови работни места. Ете тоа е мојата борба. Тоа е разликата меѓу нас и нив. Додека тие лажат, шират паники и пробуваат да ги злоупотребат чувствата на луѓето и играат на создавање емоции, ние работиме и се трудиме колку можеме да направиме да биде подобро за нашите сограѓани, рече Мицкоски на денешната прес – конференција.
Тој напомена и оти 2025 година Македонија ја завршила со реален раст од 3,5 проценти, и оти според податоците објавени од Евростат, таа е во првите пет во Европа, веднаш зад Ирска, Малта, Кипар и Полска, а пред сите други економии во регионот.
-На пример, нашиот северен сосед има околу два проценти раст, реален раст, а нашиот е три и пол проценти, седумдесет и пет проценти повеќе. Номиналниот раст на македонската економија е над осум проценти, 8,2 проценти, што претставува историски највисок раст, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски.
Додаде дека станува збор за континуитетот на реалниот раст од 2025 година кога имавме раст од три проценти.
-За следната година очекуваме буџетски дефицит кој ќе биде помал од три и пол проценти и реален економски раст од околу четири проценти. Тоа е разликата помеѓу оваа Влада и владата што ја предводеше СДСМ, рече Мицкоски.
Потсети дека во 28 квартали од владеењето на СДСМ и ДУИ сме имале реален раст на македонската економија од скромни два проценти.
-Во првите шест квартали од нивното назначување, односно изборот на Владата, па дури и да кажам назначувањето, нема да погрешам, бидејќи знаете како беа инстриурани како влада по политичкиот инженеринг што се случи во 2017 година имаа раст од два проценти. Во првите шест квартали од оваа Влада, просечниот раст на македонската економија, е три и пол проценти, речиси двојно повеќе. Тоа се бројките. Тоа е разликата што ја прави оваа Влада, која е многу различна од владите на СДСМ и ДУИ. Тоа е разликата меѓу нас и нив, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакна, додека тие лажат, шират паника и се обидуваат да ги злоупотребат чувствата на луѓето, Владата работи и се труди колку што може повеќе да го подобри животот на македонските граѓани.
март 8, 2026

