Connect with us

Општини

Околу 300 учесници од 17 земји на меѓународната трка „Крали Марко траилс“

Околу 300 учесници од Македонија и од 17 земји денеска во Прилеп трчаа на меѓународната планинска трка „Крали Марко траилс“. Учесниците се дел во една од трите планински трки: на 40, 23 и на 13 километри.

-Меѓународната планинска трка „Крали Марко траилс“ се одржува по 13-ти пат. Целта е да ги поттикнат луѓето да се потпрат на здрави навики, здрав начин на живот, од една страна, а од друга страна да побегнат од секојдневието и трчајќи ќе бидат ослободени од сите секојдневни грижи и притоа ќе се предизвикаат себе си, ќе ги поместат своите граници, а тоа да биде во релативно безбедна средина. Трасата е маркирана со знаменца, имаме спасители и волонтери кои се поставени долж целата траса, вели Дејан Крле, директор на трката.

Меѓу учесниците, 100-тина се жени за кои тоа е многу убав начин да се помине празникот на жената 8 Март и да се испрати пораката.

– По третпат учествувам на трката и е една од најубавите планински трки. Јас секогаш празникот на жената го поминувам во движење. Или сум на работа, зашто по професија сум лекар, или рекреирам, како што е денешното учество на планинската трка. Пораката е пратена – жените се рамноправни, вели Татијана Стојаноска од Струга.

И Снежана Ѓуриќ од Србија се чувствува исполнето со учеството на трката.

-Многу ја сакам оваа трка „Крали Марко траилс“. Се поминува низ предел со ретки карпи кои ги нема никаде. А секако дека го славам празникот на жената. Еве, сега со трката. Ајде сите да се чувствуваме убаво и исполнето, порача Снежана Ѓуриќ. 

Ерик Фриск од Шведска првпат учествува. Таа за трката слушнала пред шест месеци.

– Првпат учествувам и многу ми е мило што сум тука. Има убава атмосфера, организацијата е одлична. Пак ќе се вратам, вели Ерик Фриск од Шведска. 

Најстариот планински тркач е 74-годишниот Кирил Велкоски од Прилеп. Не ги пропушта планинските трки.

-Уживам што трчам. Не ги пропуштам планинските трки низ македонија. Посебно е задоволството што сум во друштвото на млади луѓе, нагласува Велкоски. 

Стартот на трките беше од 8 часот на 40 километри, 9 часот на 23 и од 10 часот на 13 километри. Се очекува повеќето натпреварувачи на трките да стигнат до околу 14 часот.

Трките „Крали Марко траилс“ се дел од Меѓународната асоцијација за планинско трчање.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2